Утрински Весник
Свет

Хрватска прогласи состојба на катастрофа во најтешко погодените области од земјотресот

Хрватска прогласи состојба на катастрофа во најтешко погодените области од земјотресот

Хрватската влада на денешната седница прогласи состојба на катастрофа во окрузите Сисак-Мославина и Загреб, кои во вторникот беа погодени од силен земјотрес.

Состојбата на катастрофа ја прогласи премиерот Андреј Пленковиќ врз основа на информации за големината на штетата предизвикана од земјотресот.

Пленковиќ потсети дека денес е точно една недела од првиот земјотрес што го погоди округот Сисак-Мославина и шест дена од разорниот земјотрес со јачина од 6,2 степени во кој животот го загубија седум лица.

Во пресрет на седницата на Владата, тој рече дека се повредени 24 лица, од кои 18 се хоспитализирани, вклучително и четворица пожарникари, пренесуваат хрватските медиуми.

Со оглед на големиот број последователни земјотреси, Пленковиќ рече дека граѓаните не мора да се плашат, но мора да бидат претпазливи.

Пленковиќ вели дека е направено многу во областа на здравствената заштита во загрозената област и дека бил информиран дека дел од болницата во Петриња е безбеден за употреба, како и дека болницата во Сисак ќе може да прими уште околу 50 пациенти.

– Владата се соочува со две големи кризи, решивме да прогласиме катастрофа во два окрузи, покрај постојниот штаб ќе се формира специјален штаб, на чело со министерот Томо Медвед, а ќе бидат вклучени и претставници на сите оддели, неговите заменици Милошевиќ и Хорват – рече Пленковиќ.

Разорен земјотрес ја погоди Хрватска на 29 декември, а најмногу страдаа Петриња, Глина и Сисак. Во земјотресот со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала загинаа седум лица, меѓу кои и дванаесетгодишно девојче, повредени се многу луѓе и беше причинета голема материјална штета.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

На Германија ќе и требаат дополнителни 288.000 странски работници секоја година до 2040

Австралија го забранува пристапот до социјалните мрежи за помлади од 16 години

Путин до Меркел: Ангела, извини, не знаев дека се плашиш од кучиња