Статусните проблеми на дигиталните номади во Хрватска се решени со усвојувањето на два нови закона во Парламентот, а тоа се Законот за странци и измените и дополнувањата на Законот за данок на доход, пишува „Вечерњи лист“.
Новиот закон за странци го третира дигиталниот номад како „државјанин на трета земја кој е вработен или работи деловно преку комуникациска технологија за компанија што не е регистрирана во Хрватска и не извршува деловни активности или не обезбедува услуги на работодавци во Република Хрватска“.
Значи, за луѓето кои се формално вработени на друго место и можат да ја завршат својата работа преку Интернет, Хрватска ќе им овозможи да живеат и работат во земјата како дигитални номади.
Граѓаните на трета земја се државјани на сите земји кои не се членки на Европскиот економски простор (ЕУ плус Швајцарија и Норвешка) за кои инаку се применува построг режим за престој и работа во Хрватска. Странците од трети земји кои се вработени во Хрватска мора да имаат работни визи. Покрај работните визи, се воведуваат и номадски визи, кои ќе се доделуваат на странци кои ќе работат за некој друг, за период од една година.
Комплетните технички детали поврзани со номадскиот престој ќе бидат објавени по Нова година.
Заработката на дигиталните номади нема да се оданочува во Хрватска. Значи, сите дигитални номади ќе плаќаат данок на доход во нивните матични земји каде што имаат постојан престој, но Хрватска им ги отвора вратите бидејќи се смета дека тие ќе ја трошат заработката во Хрватска и со тоа ќе придонесат за домашната економија. Кој ќе остане една година, може да има мотив да се пресели во и да побара постојан престој во Хрватска.
Туристичката индустрија е убедена дека дигиталните номади се одлични гости. Проценките пред пандемијата велат дека до 2035 година дури милијарда луѓе во светот ќе работат од дома, а секој поединец е потенцијален патник, гостин. Пандемијата само го забрза овој тренд и неколку стотици дигитални номади сè уште живеат во Хрватска, пишува „Вечерњи лист“.