Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1.296 и има околу 150 празни болнички кревети во ковид-центрите, информираат од Министерството за здравство.
По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болниците во Скопје, хоспитализирани се 443 лица. Во Битола се хоспитализирани 83 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 53 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 44 пациенти, во Велес се лекуваат 57 болни, а во Куманово 119 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 110 пациенти, во Прилеп 128, во ковид центарот во Гостивар 61, а во Струга 39 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 69 пациент, во Кочани 18, во Кичево 21, Кавадарци 46, во Гевгелија 16 лица, а во Дебар 9 позитивни и суспектни на корона вирусот. Бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.
Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.
Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени.