Билатералните проблеми не треба да бидат дел од преговарачката рамка за проширување на ЕУ, изјави германската амбасадорка во земјава, Анке Анке Холштајн, во интервју за Радио Слободна Европа.
„Ние, а според моите сознанија и сите други земји членки, сметаме дека билатерални проблеми не треба да се ставаат во преговарачката рамка и дека билатералните проблеми треба да се решаваат билатерално. Бугарија секогаш беше голем поддржувач на европското придвижување на регионот, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Во суштински интерес на Бугарија е да не се блокира процесот за проширување на Европската унија во овој регион“, рече Холштајн.
Во интервјуто таа зборуваше и за неопходните реформи, како и новата методологија. Во оваа насока, Холштајн истакна дека методологијата за проем на нови земји членки е покомпактна и бара посилно политичко водство. Германската амбасадорка вели дека со новата методологија дека не станува збор за потешки, туку за појасни услови и останува најважната основа при процесот на пристапување – секоја земја со темпото на реформи го одредува процесот на пристапување.
Во врска со реформите на кои Северна Македонија треба да се посвети во наредниот период, таа ги посочи правната држава, борбата против корупцијата, како и реформите во правосудството.
„Важно е да се донесе законот за забрана од дискриминација и изборниот закон да се прилагоди соодветно на препораките на ОБСЕ/ОДИХР“, истакна германската амбасадорка додавајќи дека основен за многу области во општествениот живот е и пописот кој е планиран за април.