Постојат докази дека загадувањето на воздухот ја влошува состојбата со коронавирусот и влијае на зголемувањето на бројот на заразени лица и стапката на смртност, се вели во анализа спроведена во Холандија.
Истражувањето што го пренесува „Гардијан“ покажува дека долгорочната изложеност на луѓе на честички од загадување ја зголемува можноста за заразување со „Ковид-19“ за приближно 10 проценти и ја зголемува смртноста од оваа болест за 15 проценти.
Холандските истражувачи зедоа предвид повеќе од 20 други фактори, вклучувајќи ја просечната густина на населението на едно место, возраста на населението, големината на домаќинствата, занимањата на луѓето и дебелината.
Постојат докази од поголемите градови во Европа, САД и Кина дека загадениот воздух ги влошува ефектите на коронавирусот врз луѓето. Истражувањето покажува дека е големо загадувањето и во руралните области каде мештаните интензивно се занимаваат со сточарство, па оттука ова истражување ја исклучува идејата дека загадувањето влијае само врз урбаното население, кое станува поподложно на вируси поради дејството на штетните честички.
Научниците предупредуваат дека е важно уште подлабоко да се разбере врската помеѓу загадувањето и коронавирусот, така што луѓето ќе знаат како да се справат со новите бранови во иднина.
Веќе е познато дека загадениот воздух предизвикува респираторни и срцеви заболувања кои ги прават луѓето поранливи, а со тоа и повеќе подложни на Ковид-19, велат научниците.
„Користејќи детални податоци, наоѓаме убедливи докази за врската помеѓу загадувањето на воздухот, особено концентрацијата на ситните честички и влошувањето на епидемијата на коронавирус“, заклучија истражувачите.