Амстердам, 27 април 2020 (МИА) – Пред само неколку дена, официјално беше прекинат холандскиот шампионат, што, сосема очекувано, предизвика бран незадоволство кај клубовите. Запирање на кампањата на тековната позиција и без прогласување на шампион, налути некои од нив и доведе до многу поплаки.
На клубовите им беше дозволено да гласаат пред конечната одлука, но тие не постигнаа консензус и ова ја принуди федерацијата сама да одлучи, како резултат на што најмалку четири клуба ќе ја тужат фудбалската федерација во земјата, пренесуваат медиумите во Холандија.
АЗ Алкмар се лути што Ајакс ќе биде тимот кој директно ќе оди во групите на Лигата на шампионите, и покрај истиот број на поени по одигрувањето на 25 кола.
Утрехт нема да игра во Европа за сметка на Вилем Втори со заостанување од 3 поени и натпревар помалку, а исто така е финалист и во Купот на земјата, откако успех во мечот за трофејот гарантира место во Европа.
Лидерите во второто ниво на фудбал во Холандија – Камбур и Де Графшап, кои имаат цели 11 поени пред своите противници, исто така не се задоволни од одлуката, но целиот напор е залуден.
Според германски „АД“, сите овие факти се легитимни основи за оспорување на одлуката. Генералниот директор на второлигашот Камбур веќе изјави дека клубот започнал правни дејства. Истото го потврди и Утрехт.