Делчево, 11 мај 2020 (МИА) – Во рамки на проектот „Социјална отчетност и правно зајакнување во ромски средини“, денеска во општините Берово и Виница, како и во пехчевското село Црник, доделени се хигиенски пакети наменети за бремени жени од ромска популација. Како што информираше Зоран Биковски од невладината организација „КХАМ“ од Делчево, со акцијата беа опфатени и жени со деца на возраст до една година.
-Доделивме вкупно 37 хигиенски пакети за споменатата категорија граѓани во трите општини и селото Црник. Во дистрибуцијата на хигиенските пакети активно учествуваа и претставници на НВО „Хера“. Ваква активност ќе имаме и во текот на утрешниот ден, при што хигиенски пакети ќе бидат дистрибуирани и за споменатата категорија жени Ромки од општина Делчево, рече Биковски.
Невладината организација „КХАМ“, како што додаде, во текот на следната недела ќе се вклучи во одбележувањето на Неделата на имунизација.
-Се работи за активност која традиционално ја реализираме во општините од крајниот Исток. Целта е да се подигне свеста на родителите за вакцинација на нивните деца, кампања која во минатото покажа дека во овој дел од државата се поголема е свеста од страна на ромската популација за вакцинирање на своите деца, посочи Биковски.
Во текот на утрешниот ден хигиенски пакети ќе бидат доделени на вкупно 13 бремени жени и жени со деца на возраст до една година. вс/вј/