Во периодот од 10 март до 30 јуни, Хелсиншкиот комитет регистрирал 197 случаи на повреди на правата од работен однос, кои се однесуваат на 2.723 работници. Повеќе од 60 отсто од пријавите се однесуваале на работничките со што, велат од Хелсиншки, кризата неизбежно доби и родова димензија.
„Најкритични беа првите шест недели по прогласувањето на вонредната состојба, кога беа пријавени 145 од вкупниот број регистрирани случаи. Работодавачите веднаш започнаа со масовни отпуштања на работниците, односно откажувања на нивните договори за вработување. Само во месец март, регистриравме 17 вакви случаи кои опфатија 375 работници. Онаму каде што можеа, работодавачите влијаеа работниците принудно, но „спогодбено“ да го прекинат својот работен однос, па така во март и првата половина на април регистриравме 30 пријави за 317 работници“, се наведува во извештајот.
Овој тренд на пријави за отпуштања почнал да се намалува во текот на наредните месеци и од април до крајот на извештајниот период, биле регистрирани 85 отпуштања и 5 работници кои потпишале спогодба за престанок на работниот однос.
Една од најранливите категории работници биле оние со заснован работен однос на определено време на кои, поради специфичната зависна положба во која се наоѓаат, не им биле продолжувани договорите за вработување.
„Работодавачите најдоа начин да ги заобиколат притисоците од јавноста за масовните отпуштања во март, па во следниот период започнаа да им ги намалуваат или воопшто да не им ги исплаќаат платите на работниците, директно удирајќи по нивната егзистенција. Овој период, најчестите регистрирани пријави се однесуваа токму на овие прекршувања – на дури 810 работници им беа намалени или воопшто не им беа исплатени платите“, се наведува во извештајот.
Во 23 случаи регистрирано е непочитување на владините мерки од страна на работодавачите и тоа во однос на (не)организирање на работниот процес на начин да се обезбеди потребното растојание, постојана дезинфекција на работните места и заштитна опрема за 1022 работници.
Во извештајот се наведува дека една од најпогодените од кризата беше преработувачката – текстилната и кожарската индустрија, каде што биле регистрирани најголем дел од повредите на работничките права.
„Имајќи предвид дека кај нас жените се доминантно застапени во работната сила во текстилната индустрија, овие повреди на работничките права истовремено претставуваат и повреда на правата на жените, што дополнително го потврдува мултидимензионалниот и интерсекциски карактер на овој проблем. Жените се структурно опресирани со самото тоа што преовладуваат како работна сила во индустријата што е убедливо најслабо платена. Дополнително, при криза од овие размери тие се први на удар, затоа што системот кој е создаден да дозволува и/или да ги става во ваква потчинета и угнетена положба, воопшто не поседува механизми да ги заштити“, се наведува во извештајот.