Скопје, 18 март 2020 (МИА) – Хелсиншкиот комитет за човекови права изразува загриженост во однос на сместувачките услови за групната изолација за лицата сместени во Центарот за обука во Пепелиште – Криволак.
– Имено, во медиумите беше објавено сведоштвото на лицата сместени во Центарот за обука во Пепелиште – Криволак, каде што евидентни се лошите хигиенски услови и недостатокот на соодветни легла. Во текот на денешниот ден, Министерството за одбрана соопшти дека „Центарот за обука во Пепелиште е само привремен простор каде треба да се извршат епидемиолошките прегледи согласно медицинскиот протокол. По завршените прегледи, лицата веднаш ќе бидат преместени во реновираниот Завод во Демир Капија“, наведува Хелсиншки комитет во соопштение.
Комитетот апелира до надлежните институции, во секој момент, да се имаат предвид човековите права и човековото достоинство, особено кога станува збор за мерки на групна изолација.
Додава дека условите во овие простории треба да ги исполнуваат домашните и меѓународните стандарди во смисла на пристап до соодветни легла, хигиена, оброци и здравствена заштита.
– Дополнително, потсетуваме дека согласно член 54 став 3 од Уставот на РСМ, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. За крај, ја повторуваме пораката која ја испрати Високата комесарка за човекови права при Обединетите нации, Мишел Башелет: “Ковид-19 е тест за нашите општества, сите учиме и се адаптираме согласно мерките кои се преземаат против вирусот. Човековото достоинство и човековите права треба да бидат во фокусот и центарот на овие мерки, а не нешто со кое што ќе се соочиме понатаму“, стои во соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права. нд/сп/