Утрински Весник
Македонија

Хан за МИА: Горд сум што придонесов за успехот на Преспанскиот договор

Хан за МИА: Горд сум што придонесов за успехот на Преспанскиот договор

Брисел, 17 јуни 2020 (МИА) – Поранешниот еврокомесар за проширување, денеска задолжен за буџетот на ЕУ, Јоханес Хан, за МИА се присети на кратко на потпишувањето на Преспанскиот договор пред две години и уверува дека Северна Македонија е на добар пат кон ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

-Пред две години, премиерите на Грција и Северна Македонија, Алексис Ципрас и Зоран Заев потпишаа навистина историски договор. Се сеќавам многу добро на овој ден крај преспанското езеро, овој уникатен миг кој отвори пат за нов, пријателски однос помеѓу две земји кои со децении водеа горчлив спор, се присети Хан за МИА.

Иако процесот беше во рацете на Обединетите Нации и медијаторот Метју Нимиц, еврокомесарот Хан активно помагаше во олеснувањето на дијалогот помеѓу Скопје и Атина, раскажуваат дипломатите кои го следеа процесот од самиот почеток.

Решавањето на спорот со Грција беше клучен услов да се надмине блокадата во ЕУ за отпочнување на преговорите и влезот во НАТО.

-Преспанскиот договор означува храброст, визија, политичко лидерство и помирување и испраќа позитивен сигнал за регионот и пошироко, вели поранешниот прв човек на политиката на проширување на ЕУ.

Тој се присети на процесот на преговори помеѓу двете страни како “макотрпна работа и долги преговори за суптилни детали“, воден од министрите за надворешни работи, Никола Димитров и Никос Коѕиас.

-Договорот беше клучен елемент за земјите членки на ЕУ да дадат зелено светло за отворањето на преговорите со Северна Македонија, која е сега на добар пат кон ЕУ. Горд сум и среќен што придонесов со мојот тим за овој успех кој отвори нови перспективи за луѓето од двете страни на границата. Пред сѐ, би сакал да им оддадам чест на сите што работеа за овој успех, одлика на вистински европски дух, надминување на споровите, преминување на границите и соработка за заедничка и мирна иднина, изјави Хан за МИА.

По пет години поминати на проширувањето, комесарот Хан сега е целосно посветен на изнаоѓање уште потежок компромис во ЕУ: договор за долгорочниот буџет на Унијата во време на најголемата економска криза на континентот по втората светска војна. тм/бк/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Рокас: Очекувам овој пат и ЕУ да може да испорачува резултати со забрзана динамика

Димитријевиќ: СДСМ ќе покаже нова енергија и нова визија во креирањето на политиките

ЕСМ понуди поскапа цена на тендерот на ЕВН ХОУМ