Утрински Весник
Политички Партии

ФРОДЕМ: Време е за конечно расчистување на работите во ВМРО-ДПМНЕ

ФРОДЕМ: Време е за конечно расчистување на работите во ВМРО-ДПМНЕ

„Зарем беа потребни пет години и неколку порази по ред некој да се сети дека се потребни персонални промени во ВМРО-ДПМНЕ. И тоа не било кој, туку на тоа сега се сетија „главешините” на „Мериот коалицијата” во која најгласни се старите подданици, креатори и верни поддржувачи на режимот на Груeвски. Се работи за бивши министри со мандат од десетина години (како на пр. д-р Смрт и „врвен” експерт за образование), бивши градоначалници со два, три, па и четири мандати (Коневски, Стамнов, Латиновски и др.), бивши директори на служби (Мијалков и др), бивши и амнестирани пр(л)атеници и кој сé уште нé. Заеднички именител на сите нив не е тоа што се бивши, туку тоа што подолго време го немаат тоа што го имаа цврсто во раце додека му служеа на бегалецот од Будимпешта. Пари, власт, моќ и неодговорност. Заедничко им е и тоа што ниту еден од „главешините” на наменската коалиција досега не е осуден за сторениот криминал и злосторство врз граѓаните за време на режимот благодарение на кокетирањето и пазараењето со најголемиот политички конкурент кој сега е на власт. За жал најголем дел од нив бесрамно само заради лични и лукративни интереси дадоа поддршка на Преспанскиот договор и на промената на уставно име на државата“, соопшти ФРОДЕМ.

Партијата наведува дека како „прва партиска фракција уште од 2015 година, додека со партијата раководеше бегалецот од Будимпешта со сéсрдна поддршка од сегашниве главешини на „Мериот коалицијата”, бараше персонални промени и демократизација на партијата“. Заради искрените и чесни барања фродемци неосновано беа етикетирани како предавници и беа исклучувани од партијата и тоа од страна на докажаните криминално-кодошки структури кои долги години беа во врвот на партијата и кои сега бараат промени. За среќа времето покажа кој е кодош, предавник, арамија, лицемер, лажен патриот, пресметлив политичар, дрзок крадец, а кој држи до себе и до своите чесни патриотски и национални цврсти заложби и ставови. 

„ФРОДЕМ постојано бараше неслективно расчистување со криминалните партиски структури, кариеристи, прислужници, бандити, непринципиелни и дезидеологизирани персони желни за власт по секоја цена. Баравме да се стави крај и да им се каже довидување на сите оние кои живееа и профитираа од државата и партијата. Но, за жал сето ова беше игнорирано. Заради сопствениот комодитет се молчеше. Сакаме да веруваме дека времето на молчење помина и дека сега е време за конечно расчистување на работите.

Во име на членовите на ФРОДЕМ по којзнае кој пат повторуваме дека ВМРО не заслужува да ја рушат, а најмалку да ја водат кадри кои зад себе имаат еден куп кривични пријави, ниту вмровци по професија и потреба, а најмалку партиски профитери и слугувачи на режимот. ВМРО не смее и понатаму да остане прибежиште и дувло на обвинети и осомничени криминални структури, одродници, платеници и политичари незаситни од желбата за власт, крадење и лично богатење. Партијата не треба повторно да биде отскочна даска за персони кои имаат нескриени амбиции преку грбот на членството повторно да дојдат до власт, да крадат, да се богатат и притоа да не одговараат. Не смее да се дозволи поделба и разнебитување на партијата само заради тоа што така си замислило лицето З.З во договор со верните поддржувачи и креатори на режимот кои имаат само една и единствена цел, спас и амнестија за сторениот криминал и повторно грабеж на народните пари.

Секој обид за игнорирање на овие по којзнае кој пат јавно кажани ставови ќе биде уште подлабоко навлегување во „чизмите” на поранешниот претседател на партијата и враќање на незаситните и алчни поддржувачи и блиски на бегалецот од Будимпешта. Не смее да се дозволи реализација на тајниот договор за поделба и разнебитување на ВМРО. Само кристално прочистена и сплотена партија кој доследно ке ги спроведе сите демократски процеси и процедури (вклучувајки го и изборот на претседател на партијата) може да ги победи мрачните партиско криминални сили кои до гола кожа го соголеа граѓанинот, а притоа не одговараа за ништо“, се вели во соопштението.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Митева: Денешната оставка на Ковачевски е почеток на крајот за СДС и ДУИ

Jana

СДСМ: ДПМНЕ е осамено на проруската агенда, против ЕУ и без коалициски партнери

Jana

Најголемата ИТ компанија во Македонија се ребрендира: Сеавус е сега Киншифт