Happening (L’Événement) во режија на Одри Диван, француска драма за илегални абортуси во шеесеттите години на минатиот век, ја доби наградата „Златен лав“ за најдобар филм на фестивалот во Венеција.
Гледачите во Лидо беа воодушевени од сторијата за млада жена која очајно се труди да организира прекин на бременоста за да продолжи со студиите, во време кога таквиот зафат може да значи затворска казна или смрт.
„Филмот е сместен во Франција во 1963 година, но неговата централна тема е актуелна денес исто како и тогаш,“ рече видно трогнатата Диван пред публиката, алудирајќи на вжештената дебата за абортус во САД по новите ограничувања во Тексас.
Имено, во Тексас беа воведени нови контроверзни закони со кои се забранува абортус по шестата недела.
„Овој филм го снимав со бес, со желба, со мојот стомак, мојата утроба, срцето и главата“, рече Диван при прифаќањето на наградата.
Церемонијата на доделување награди го заврши 11-дневниот филмски маратон во Лидо ди Венеција.
78. издание на најстариот филмски фестивал во светот заврши во саботата вечерта. Ѕвездите се покажаа на венецијанскиот црвен тепих – витална состојка за успех на фестивалот, а уште повеќе по минатогодишното придушено издание.
Церемонијата беше голем контраст со минатогодишниот настан, кога гостите во текот на проекциите мораа да носат маски, а околу половина од седиштата на брегот на Лидо останаа празни во екот на пандемијата.
Победничкиот филм, Happening, е базиран на автобиографски роман на Ени Ерно и прикажува млада жена која бара прекин на бременоста и покрај ризикот од затвор или смрт.
Наградата ја избра жири предводено од режисерот на „Паразит“, Бонг Џун-Хо.
Втората награда, „Сребрен лав“, му беше врачена на италијанскиот режисер Паоло Сорентино за филмот The Hand Of God („Божја рака“), филм за неговата младост во Неапол.
Пенелопе Круз ја доби наградата најдобра актерка за улогата во Parallel Mothers, во режија на шпанскиот режисер Педро Алмодовар. Наградата најдобар актер му припадна на Филипинецот Џон Аркила за улогата во крими-трилерот On the Job: The Missing 8.