Утрински Весник
Свет

Франс Прес: Здравствените системи на Балканот се преоптоварени поради коронавирусот

Осуммина починати и 94 нови случаи на Ковид-19

Недоволниот број на кревети и лекари и масовниот пораст на инфекции со коронавирус ги доведоа болниците на Балканот на работ на колапс, а хаотичните сцени потсетуваат некои здравствени работници на војните во 90-тите, објави агенцијата Франс Прес (АФП) во неделата.

Откако коронавирусот повеќе или помалку се држеше под контрола скоро една година, се оствари црното сценарио за кое Балканот стравуваше уште од почетокот на пандемијата.

Во тешко погодената Босна и Херцеговина, доктор за АФП изјавил дека мора да „жонглира“ меѓу неколку пациенти чии животи висат на конец.

„Ситуацијата ме потсетува на војната и се плашам дека само ќе се влоши во текот на зимата“, вели лекарот, кој побарал да остане анонимен.

„Можеме да ја завршиме работата кај три лица, но не и кај петмина“, додал тој.

Западен Балкан е еден од најсиромашните делови во Европа и со недели се бори со епидемија на коронавирус, пишиува агенцијата. Бројот на починати се зголемил двојно во изминатиот месец на скоро 10.000.

Кризата открива дупки во здравствените системи кои се загрозени од лошо финансирање и кризата на одлив на мозоци. Надежните млади лекари и медицински сестри заминуваат во странство во потрага по подобри плати и образование.

Пред пандемијата, според Светската здравствена организација (СЗО), Балканот имал најмал број лекари по глава на жител во Европа.

Болниците сега се соочуваат со уште помал број на персонал, бидејќи и тие стануваат жртви на респираторни заболувања.

Во Србија, околу 2.000 здравствени работници биле принудени да одат во самоизолација, додека истовремено голем број пациенти ги полнат болничките кревети во главниот град Белград.

„Никогаш не сум доживеал вакво нешто во мојата професионална кариера“, вели Раде Паниќ, претседател на српскиот синдикат на лекари, за регионалниот ТВ канал Н1.

„Немаше соба за пациенти кои медицински ги сметаме за млади. И немав каде да ги испратам”, додава анестезиологот кој работи во “црвената зона” на болница и ги лекува најтешките случаи на Ковид-19.

БиХ, Северна Македонија и Црна Гора се во првите десет европски земји со најголема стапка на смртност според бројот на жители.

Сепак, владите во регионот не сакаа да се вратат на драстично затворање, како на почетокот на пандемијата. Наместо тоа, тие се одлучија за мали ограничувања, како порано затворање на рестораните, пишува Франс Прес.

Додека Србија брза да гради две нови болници, Косово размислува да ги адаптира старите хотели во импровизирани одделенија, вклучувајќи го и Гранд хотелот во Приштина.

Преполните болници во Приштина водат до тоа некои пациенти, како што е 33-годишниот Веприм Морина, да не можат да бидат примени.

„Лекарот ми рече да земам терапија дома затоа што болниците се полни“, изјавил фитнес тренерот за АФП.

Во Северна Македонија, владата се врти кон приватните клиники кои можат да примаат ковид-пациенти, бидејќи јавните болници се речиси полни.

Во болниците надвор од Скопје, семејства и пријатели им носат на пациентите храна, а понекогаш и лекови, пишува АФП.

„Катастрофа. Неорганизирано. Никој не одговара на телефон со часови”, изјавил човек кој се обидувал да добие информации за неговиот болен роднина.

„Медицинскиот персонал се бори, даваат сè од себе, но едноставно не можат да постигнат сè“, додал тој.

Во Хрватска во моментов, повеќе од 2.200 пациенти се хоспитализирани, а 3.000 пациенти веќе би го втурнале здравствениот систем во колапс, пишува АФП.

Експертите велат дека политичарите се обидуваат да одржат рамнотежа помеѓу контролата на вирусот и заштитата на кревката економија.

Во БиХ, продавниците, рестораните и спортските сали остануваат отворени, додека Србија го скрати работното време за компаниите.

Иако напредокот во развојот на вакцините им дава надеж на лекарите, тие се плашат од хаосот што може да се настане во меѓувреме.

„Не разбирам зошто властите не воведуваат построги мерки“, вели Јасмина Смајиќ, лекарка од Тузла.

„Нешто мора да се стори ако сакаме да спречиме катастрофални последици“, додава таа.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Три тела извлечени од потонатиот туристички брод во близина на брегот на Египет

Аналитичари: Русија напредува во Украина со најбрзо темпо од почетокот на војната

Парламентарното собрание на НАТО усвои резолуција за итна интеграција на Украина во Алијансата