Атина, 2 мај 2020 (МИА) – Грчката престолнина, како и многу други европски метрополи, поради пандемијата на Ковид-19 и владините рестриктивни мерки за спречување на ширењето на вирусот, од град со огромна фреквенција на луѓе и голем број туристи, стана „град на духови“, особено во централниот дел.
МИА неколкупати направи репортажа од центарот на Атина, од празните туристички локации, кои под нормални услови се преполни со луѓе, а на два дена пред укинувањето на забраната за движење за граѓаните и два дена пред грчката престолнина повторно, постепено да го добие својот сјај, дописничката на МИА од Атина прави споредба, каква беше грчката престолнина пред пандемијата, а каква е сега.
Фотографиите се од иста локација, пред новиот коронавирус и сега, за време на пандемијата, а доволно говорат за промените кои Атина ја направија тивка и празна како никогаш досега.
Плоштадот „Синтагма“, делот околу грчкиот Парламент, заедно со споменикот на „Незнајниот јунак“, се можеби и најфреквентните локации во Атина, како од аспект на сообраќај, така и од аспект на домашни и странски туристи.
Улицата „Ерму“, која плоштадот „Синтагма“ го поврзува со плоштадот „Монастираки“, е една од најпознатите трговски улици во Атина, со голем број продавници.
Малиот плоштад „Монастираки“ со поглед на Акропол и голем број кафулиња, таверни и продавници за сувенири е една од омилените локации и за туристите и за Грците.
Таверните и кафулињата во тесните сокачиња на Плака под Акропол, пред пандемијата беа полни 365 денови во годината.
Олимпискиот стадион „Калимармаро“, е една од главните историски локации во Атина, каде што се одржале првите модерни Олимписки игри во 1896 година.
Оваа година поради пандемијата, Грците славеа поинаков Велигден, останаа дома, црквите одржаа свечена богослужба зад затворени врати, а традиционалните првомајски масовни протести за одбележување на Денот на трудот, поминаа со мали симболични собири.
Забраната за движење на граѓани во Грција, во сила е од 23 март, а завршува во понеделник на 4 мај.
Сања Ристовска