Скопје, 12 мај 2010 (МИА) – Фотографијата „Минхен“ на Никола Чамовски е победник на студентскиот онлајн-натпревар за најдобра фотографија по повод одбележувањето на Денот на Европа на тема „Најдобар европски град“, со освоени 1947 лајкови и други реакции, соопшти организаторот на натпреварот – Европско движење на Република Северна Македонија.
На второ место е Теодор Мицески со фотографијата „Потсдам“ со 1268 реакции, а на трето – Михаел Дивјакоски со фотографија од Сплит и добиени 792 реакции.
На онлајн-натпреварот за најдобра фотографија учествуваа 47 студенти. Се одржуваше од 27 април до 9 мај по повод Денот на Европа на Фејсбук-страницата на Европското движење и, како што наведува организаторот, предизвика огромен интерес „освојувајќи“ над 5.000 лајкови и други реакции.
-Резултатите се менуваа во текот на целиот натпревар, но на крајот една од учесничките беше дисквалификувана поради непочитување на правилата. За победниците се обезбедени парични награди од страна на Европското движење, чија цел е да ги доближи европските градови до младите во Македонија и да промовира европски вредности, соопшти Европското движење на РСМ.
Во рамки на прославата на Денот на Европа, Европско движење во земјава организираше и онлајн-дебата за размена на искуствата на студентите преку програмата на ЕУ „Еразмус плус“, како и онлајн-квиз за знаењата за ЕУ.
За средношколците, пак, објави конкурс за најдобар есеј на тема „Заедно за иднината на Европската Унија“. хс/лв/