Пехчево, 9 април 2020 (МИА) – Општина Пехчево ги оформи локалните тимови кои ќе им пружаат поддршка на старите и изнемоштени лица, лицата со попреченост и лица во социјален ризик. Како што информираат од Оштината за оваа намена ангажирани се вкупно 19 деветнаесет невработени лица кoи ќе ја имаат улогата на асистенти за поддршка во сите населени места.
-Општината ги продолжува активностите за заштита на најранливите категории на граѓани во време на пандемија на коронавирус. Во рамки на проектот „Реактивирање на сервисите за старите и изнемоштени лица, лица со попреченост и лицата во социјален ризик”, во наредниот период ќе се даваат услуги кои значат набавка и достава на храна, продукти и лекови. Целта е да се заштитат оние кои се најранливи и да останат дома во контекст на минимизирање на движењето и социјално дистанцирање, информираа од општина Пехчево.
Активностите, како што додаваат се реализираат во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и финасиска поддршка на Швајцарската Агенција за развој и соработка (СДЦ), кои веќе обезбедиле средства и заштитни материјали за потребите на споменатата категорија граѓани.
-Од страна на донаторите пристигна пратка со заштитни материјали (заштитни маски, ракавици, заштитни визири и алкохолни гелови) наменети за асистентите. Во најкраток временски период, по консолидацијата, обуката и нивно опремувањето, асистентите ќе бидат на терен во согласност со генералните препораки за вонредната состојба во која се наоѓаме, додадоа од општината.
Од општината ги повикаа граѓаните кои имаат потреба од набавка и достава на храна, продукти, лекови и др. со нивни финансиски средства, да го искористат дежурниот телефон за контакт на општина Пехчево, 033 441 321, со цел навремено реализирање на нивните потреби. вс/аа/