Утрински Весник
Свет

Фон дер Лајен: Не може да биде во интерес на Русија да умираат луѓе од глад во светот

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен испрати покана до Москва за разговори, со цел да се овозможи извоз на украинска пченица која стои во пристаништата како резултат на руската поморска блокада.

„ Најважно е да се деблокира Црното Море. Ова е покана за Русија“, рече фон дер Лајен во интервју за „Ројтерс“ на маргините на Светскиот економски форум во Давос.

Таа оцени дека кризата со храна се приближува со полна брзина и дека е потребен некаков дијалог со Москва за да се „отклучат“ 20 милиони тони пченица блокирани во Украина.

„ Не може да биде во интерес на Русија луѓето да умираат од глад во светот поради Русија“, рече фон дер Лајен, додавајќи дека треба да се најде решение за да се создаде коридор за транспорт на храна.

Русија и Украина заедно учествуваат со речиси една третина во светската понуда на пченица, а Украина е и голем извозник на пченка, јачмен, сончоглед и масло од репка.

Фон дер Лајен оцени дека Европската унија треба да го зајакне сопственото земјоделско производство преку обезбедување бенефиции за земјоделците за други култури или да го зголеми производството на пченица.

Можете да прочитате

Поддржувачите на поранешниот бразилски претседател Болсонаро ја окупираа парламентарната говорница

Само 1,5 проценти од земјоделското земјиште во Појасот Газа е употребливо

Стапија на сила повисоките царините на Трамп