Финците ја преиспитуваат својата воена неутралност и стравуваат дека за тоа размислува и рускиот претседател Владимир Путин.
Која граница нема да ја помине Кремљ? За тоа веќе никој не е сигурен, дури ни земја како Финска, која има големо искуство во толкување на руски сигнали пишува „Дојче веле“.
Границата меѓу Финска и Русија е долга дури 1.300 километри и е најдолга во Европската унија. Таму мирот владее од крајот на Втората светска војна, но сега кога Русија го нападна својот суверен сосед, на Финците повеќе не им е грижа.
„ На граничниот премин Валима, кој е најблиску до Хелсинки, ситуацијата е мирна од почетокот на инвазијата на Украина – освен мал број украински и руски бегалци кои бегаат од конфликтот, вели капетанот на граничната полиција Јуси Пекала.
„ Подготвени сме секако и се подготвуваме за разни ситуации. Не би рекол дека сме вознемирени, но сите промени најмногу се чувствуваат прво на граница“ вели Пекала за ДВ.
Промените не се добредојдени во Финска, каде што со децении работат на одржување на деликатна геостратешка рамнотежа надвор од какви било воени сојузи – додека ги одржуваат односите со Москва, но и со градење на добро опремена и обучена армија.
Досега Финците не чувствуваа дека им е потребна одбранбената помош на НАТО, а повеќето граѓани се противеа на членството во тој воен сојуз. Така беше до 24 февруари, кога Русија ја нападна Украина.