Утрински Весник
Македонија

Филипче се откажува од предложените мерки, вакцинацијата ќе се стимулира преку матичните лекари

Филипче се откажува од предложените мерки, вакцинацијата ќе се стимулира преку матичните лекари

Само со апели од матичните доктори, без дополнителни мерки ќе се стимулира вакцинацијата и спречувањето на ширење на коронавирусот.

Ова доаѓа откако Владата не ги усови мерките предложени од министерот за здравство Венко Филипче за рестрикции кои предвидуваа без вакцина или негативен ПЦР-тест, вработените во државни институции да не можат да одат на работа.

Владата побара дообјаснување, но Филипче се откажал бидејќи е дојдено до заклучок дека преставуваат финансиски товар.

„Сметам дека карантеризирање, сега во ситуација кога имаме близу 50 проценти опфат, не треба да е опција, но не знаеме што може да се случи. Ќе оставиме време, да видиме дали ќе помогне комуникацијата и апелите на матичните лекари. Сметам дека дополнителна мерка, во смисла на некаква форма, да вакцинацијата биде задолжителна, а согласно примерите кои ги даваат и другите земји, не е исклучена. Некои земји размислуваат за задолжителна вакцинација“, рече Филипче.

Прашан дали ќе се спроведуваат мерките со забрана за одење на работа без вакцина, Филипче рече: „Засега нема да се спроведува. Стигнавме до констатација дека отвора сериозни прашања како ќе се казни тој што нема да прифати вакцинација, а е и голем финансиски товар. Потребна е комуникација со граѓаните. Ова ни е најпрактичен механизам, тоа се матичните лекари“.

Дел од матични доктори ја искритикуваа мерката со која им се дава 30 денари по пациент, ако вакцинираат 70 отсто од запишаните пациенти. И покрај тоа, Филипче смета дека ќе даде резултат.

„Матичните лекари први имаат контакт. Надоместокот ќе се даде почетокот на летото, крај на есента, другата година. Просекот е околу 1.000 пациенти, тоа не се пари за занемарување. Ова е битно за државата, има различни степени на опфат кај матичните. Тие можат веднаш да почнат. Оваа мерка е на која матичните треба да стават акцент, и да ја пуштат пораката“, додаде Филипче.

Можете да прочитате

Расчистени одроните од карпи и паднатото дрво на автопатот Скопје-Велес

Трибините – огледало на политиката

ВМРО-ДПМНЕ за Таравари: Кога ДУИ те фали, знаеш дека нешто крупно е згрешено