Скопје, 22 март 2020 (МИА) – Министерот за здравство Венко Филипче на вечерашната прес-конференција го појасни начинот како била лекувана и како почината 57-годишна жена во Куманово, која е прв смртен случај од коронавирусот. Тој повтори дека таа двапати била тестирана и двапати тестот бил негативен. Првпат во болница се јавила на 16 март со покачена температура и и бил извршен преглед, по што наредниот ден дошле заедно со синот со покачена температура. И двајцата негирале евентуален контакт со заболен или патување во странство.
-На почетокот сакам да изразам сочувство до семејството. Податоците што ги кажувам ги добив од болницата во Куманово и од службата за епидемиологија од Центарот за јавно здравје. Првиот преглед на пациентката е направен на 16 март, дошла со температура и без други симптоми и кашлица, според кажувањата, веднаш биле поставени прашања од епидемиолошката анкета на што таа одговорила негативно, дека не патувала во странство, немала контакт со лице од ризичните земји. Дадена е терапија, пуштена е на домашно лекување. Следниот ден на 17 март дошла со синот и двајцата со покачена телесна температура и без кашлица. Повторно е направена епидемиолошка анкета на коишто е негирана каква било поврзаност со евентуален контакт со заболен, со странец или пак патување во странство според кажувањето на изворите од болницата во Куманово, појасни министерот Филипче.
На 17 и 18 март примале терапија, повторно немале кашлица и третман добивале во дневната болница.
-На 19 март со нешто потежок наод на белите дробови, со индикација за рендген снимка констатирана е пневмонија и двајцата се сместени во Одделот за изолација. Тогаш и кај мајката и кај синот се земаат брисеви, материјал за корона тест. На 19 и на 20 март во два наврати се направени анализи на материјалот. На 19 март на двајцата и тие се негативни. А на 20 март се повторува тестот на мајката со оглед на тоа што тоа стои во препораките на СЗО ако негативен тест е во комбинација со потешка клиничка слика која може да укажува на постоење на болест предизвикана од коронавирус и тој повторен тест е негативен. На 21 март состојбата се влошува, направени се обиди за реанимација, меѓутоа, за жал, тие се без успех по што пациетката починала, рече Филипче.
Со оглед на тоа што и компликацијата настанала нагло и нетипично за некоја друга болест, додаде тој, земен е посмртен уште еден материјал којшто е испитан и е тестот позитивен на коронавирусот.
-Преиспитани се повторно материјалите земени иницијално, повторно е потврдено дека се тие негативни. Разговаравме интензивно со експертите, консултиравме литература, тестот никаде во светот не е 100% сензитивен и тоа е докажано, рече министерот за здравство.
Тој истакна дека во моментов се прави епидемиолошка анкета со сите здравствени работници и според кажувањата ќе се постапи согласно информациите, податоците, начинот на пристапувањето дали тие ќе одат во изолација или евентуално ќе се направат соодветни тестирања. сст/