Министерот за здравство Венко Филипче посети дел од економските оператори кај кои ќе се чува вакцината за Ковид 19. Станува збор за дистрибутери кои веќе работат на ова поле односно вклучени се во постојаниот систем на вакцинација, во делот што се однесува на складирање и дистрибуција на други вакцини.
Министерот со дел од стручните тимови на дистрибутерите направи обиколка на ладните соби и фрижидерите во кои веќе се чуваат вакцини од имунолошкиот календар на Министерството за здравство и со нив разговараше како и на кој начин ќе се чува и дистрибуира вакцината за Ковид-19, кога ќе пристигне во нашата земја.
„ Операторите во своите постоечки капацитети имаат комори и ладни соби од 0 до 8 степени целзиусови, како и фрижидери до -20 степени целзиусови, како и возила со ладилници како би го запазиле „ладниот синџир“ при дистрбуција на вакцините. Дополнително Министерството за здравство операторите ќе ги снабди со фрижидери до – 70 степени целзиусови кои во земјава ќе пристигнат кон средината на јануари“ истакна Филипче.
Тој се заблагодари на економските оператори за согласноста да бидат дел од овој систем, а за понудените услуги Министерството за здравство со нив ќе потпише договори.
Вакцинацијата ќе се врши во веќе постоечките вакцинални пунктовите односно во здравствените установи низ државата. Филипче истакна дека сите вакцини за Ковид 19 се безбедни и ќе бидат бесплати за граѓаните.