Утрински Весник
Македонија

Филипче: Изградивме успешна стратегија за справување со коронавирусот, но клучно е однесувањето

Филипче: Тестовите во ИЈЗ се одобрени од СЗО

Скопје, 24 април 2020 (МИА) – Изградивме успешна стратегија за справување со коронавирусот во државава. Заедно со експертите епидемиолози сметаме дека се добри и точни нашите проекции за развојот на болеста, за епидемиолошката крива како таа се растегна врз основа на мерките и стратегиите, оцени денеска министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција преку онлајн видео комуникација.

Тој појасни дека одлуката за задолжително носење на маските е донесена по многубројните анализи и препораки во изминатиот период, потенцирајќи дека таа мерка за заштита е важна поради се уште не утврдениот начин на ширење на вирусот и големиот број на асимптоматски носители.

-Точно е дека иницијално препоракате на СЗО беше да не се носат маски, посебно лица кои се здрави. Меѓутоа, во меѓувреме излегоа многу студии, препораки и искуства од многу други земји, но имајќи го предвид не точно утврдениот начин на ширење на вирусот, како и фактот дека сега има голем број асимптоматски носители многу земји и ние, како една наша политика ја воведовме оваа мерка, заради тоа што сметаме дека сега во оваа фаза после сите сознанија од овој период кој помина за вирусот, во која насока одат испитувањата во насока на ширење, сметаме дека оваа мерка значајно ќе придонесе да се намали ширењето на вирусот. Ова се однесува на затворен простор, а на отворен простор тогаш кога нема да може да се одржи препорачаната дистанца од два метри со луѓето во непосредна близина, појасни Филипче.

Тој им честиташе на колегите од Институтот за јавно здравје и од Комисијата за заразни болести за исклучително високото ниво на професионализам што го покажале за време на својата работа и на докторите кои работат со пациентите на кои им е потребна хоспитализација односно третман.

– Сакам да се заблагодарам и на граѓаните кои доследно ги почитуваат мерките. Однесувањето е клучот за надминување на епидемијата и дека само со почитување на овие мерки ќе се стави крај на оваа криза. Нема да дадат ефект мерките доколку не се почитуваат. Тоа е многу, многу важно. Воведовме комбинирана мерка во која се намалува рестриктивниот полициски час, се зголемува бројот на часови во кои граѓаните може да се движат и тоа да се прави со задолжително носење на заштитна опрема на лицето, покривка на устата и на носот. Тоа не е случајно така заради тоа што притоа ги имаме во предвид апсолутно сите можности, сите фактори што влијаат на ширење на вирусот, рече Филипче.

Филипче се осврна и на денеска пристигнатите 12 респиратори и 5.000 заштитни маски N 95, како дел од помошта на Европската унија во вредност од четири милиони евра. Потенцира дека му се заблагодарил за донацијата во телефонски разговор на евроамбасадорот Самуел Жбогар.

– Овие 12 респираторни машини се дел од вкупно 20, кои треба да пристигнат во нашата земја како помош од ЕУ. Овие 12 ќе бидат распределени на Инфективната клиниката и во ГОБ „8 Септември“, рече Филипче.

Тој информираше дека веќе се во функција амбулантско терапевтскиот дел во Институтот за физикална медицина и рехабилитација во Козле, каде темелно се пристапило кон дезифекција, чистење на целокупниот простор во институцијата.

– Вработените кои беа позитивни поминаа асимптоматски или со сосема лесна клиничка слика. Пет се излекувани, а за уште пет се очекуваат повторните контролни брисеви. Се примаат пациенти кои имаат индикација за која е неопходно болнички да бидат третирани, а сите други ќе се третираат во амбулантскиот дел, истакна Филипче.

Се осврна и на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кој, како што рече, го завршил првиот инспекциски надзор спроведен на 17 април, кој е предаден во МВР и очекуваат тие да се произнесат во однос на наодите кои ќе произлезат од наодот, но и од нивната активност. Во текот на денешниот ден, посочи, се спроведува и втор инспекциски надзор и резултатите ќе бида готови вечерва или утре изутрина по што ќе ја информираме јавноста.

Во врска со денешните податоците за Ковид – 19, министерот информираше дека регистрирани се 36 оздравени пациенти (од 337) од кои двајца пациенти од болничко лекување и 34 кои се лекуваа во домашни услови. Оздравени пациенти на домашно лекување се евидентирани во: Скопје – 15, Прилеп – 6, Велес- 3, Кочани – 2, Пробиштип – 1 и Штип – 7.

-На Инфективната клиника во Скопје почина 80-годишен пациент од Скопје, лекуван на клиниката од 21 април. Во изминатите 24 часа потврдени се 26 нови случаи на Ковид-19 и тоа во Скопје – 11, Куманово – 2, Тетово -3, Струга – 6, Битола -1, Гостивар -1, Виница- 1 и Неготино -1. Заболеното лице од подрачна единица Неготино е жител на Демир Капија. Вкупниот број дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во државава изнесува 1.326 и вкупно направени 14.057 тестирања на Ковид -19, рече Филипче.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, потенцира, се примени тројца пациенти, а хоспитализирани се вкупно 61 од кои на механичка вентилација се шест, додека во ГОБ „8 Септември“ се хоспитализирани 24 пациенти, со потешка клиничка слика се шест пациенти кои се на респираторна машина.

– Во останатите болнички установи каде има инфективни одделенија каде се хоспитализирани пациенти нема некоја драстична промена во однос на нивната клиничка состојба, додаде Филипче. рп/лв/

 

 

 

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор

Раде Штекли нуди плата од 3.000 евра – еве што се бара

Штип остана без струја – наставата во училиштата е прекината