Министерот за здравство, Венко Филипче, ги отфрла сите обвинувања за незаконски дејствија во врска со набавката на кинеските вакцини, откако италијанскиот медиум „Ла Верита” објави дека наводно Кина го вратила авансот за вакцините на „Синофарм“, поради некаква фантомска фирма која била користена во процесот.
Тој тврди дека при комуникацијата за набавка на 200.000 кинески ванкцини од „Синофарм“, не е направена каква било нерегуларност, туку некој свесно се обидува да го поткопа целиот процес на имунизација.
„Објавените писма од ‘Ла Верита’ се писма за намера какви што Министерството за здравство има испратено до многу компании, кои помагаат или посредуваат за набавка на вакцини против Ковид 19. Вакви писма и комуникации владата има со компании од САД, Австрија и други земји. На ист начин е обидот да се набават вакцини и од ‘Синофарм’. Од самиот почеток нашата земја ги почитува сите процедури за набавка на вакцини и со овој производител“, рече Филипче.
Министерот го објасни начинот за набавка на вакцини од кинескиот производител.
Што се однесува до манипулацијата дека МЗ склучило договор со кој „Синофарм“ се ослободува од одговорност за ефектите од вакцината министерот појасни дека станува збор за целосно непознавање на договорите од овој тип. Имено, ова е вообичаена пракса и составен дел од сите договори при набавка на вакцини, објасни министерот.
„Тоа е пракса за буквално сите договори за кои ние сега преговараме и ги разбираме производителите зошто е тоа на нивно барање. Свесни сме дека со тоа земаме голема одговорност и ние тоа го правиме свесно кога е во прашање здравјето на нашите граѓани. Свесно ја земаме таа обврска не само за оваа туку за сите вакцини кои ќе дојдат во земјава“, рече Филипче.
Министерот Филипче ги осуди сите овие обиди да се фрли дамка на овој процес во една чувствителна ситуација кога во тек е вакцинација во нашата земја.
„Сметам дека со ова се опозицијата се обидува да го наруши угледот, да го копромитира процесот и со тоа да го загрози целокупниот процес на продолжување на имунизацијата во нашата земја . Сметам дека со ова некој сака да има политички бенефит, да поентира, а цената да биде здравјето на нашите граѓани“, истакна министерот Филипче.