Скопје, 27 март 2020 (МИА) – Во овој момент е добро што имаме линеарно зголемување на бројот на случаите, приближно ист број секој ден, а не експоненцијално, но ние сме спремни да прифатиме и да третираме пациенти дури и да има раст. Целосно се мобилизирани здравствените работници, спремни се капацитетите. Имаме и излекувани пациенти и сме целосно во ситуација да се амортизира приемот на пациенти. Терапијата е веќе аплицирана кај пациенти кај кои е индицирана согласно анализите од нивното ЕКГ. Сосема добро стручно се справуваат колегите во сите јавно здравствени институции.
Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција во Владата на која рече дека еден од членовите на резервниот тим на Клиниката за кардиологија на работа пројавил симптоми.
– Ова е случка во делот на ангиосалата каде нема лежечки пациенти туку пациенти доаѓаат само за интевервенција на срцето. Во тој дел лекарите во однос на контактот кон пациентите се целосно заштитени заради тоа што таква е технологијата на работа. Но, доколку се установи дека некој се појавил на работа свесен дека и претходно има симптоми ќе следат најстроги санкции, рече Филипче.
Потенцира дека во изминатите 24 часа се регистрирани 18 нови случаи со коронавирус во земјава и тоа 11 во Скопје, четири во Прилеп, два во Куманово и еден во Тетово, со што вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 денеска до 12 часот изнесува 219 лица. Според местото на живеење, досега случаи на КОВИД-19 се регистрирани во Скопје (134), Дебар (43) , Куманово (17), Штип (осум), Прилеп (шест), Охрид (три), Велес (три), Кавадарци (два), Тетово (два) и Гостивар (еден).
Не треба да се има ниту најмал сомнеж, посочи Филипче, дека не се споделуваат точни бројки, бројките се апсолутно точни, не може да биде поинаку, ги споделуваме со официјалните претставници на СЗО, и тука простор за манипулација нема.
Нагласи дека на Клиниката се инфективни болести се хоспитализирани 41 пациенти од кои седум се во потешка здравствена состојба, но тие се респираторно независни, не им е потребна помош од механичка вентилација, 27 се средно тешки пациенти и седум се со поблаги симптоми, а стабилна е состојбата и на пациентите во Штип.
Од Заводот за рехабилитација во Козле, појасни, се уште траат испитувањата, анкетите, земени се материјали на уште 18 вработени, веднаш после пристигнувањето на сите резултати ќе се направи план за функционирање на оваа установа, а постои голема веројатност од понеделник да работи само амбулантскиот дел со соодветен распоред на здравствените работници.
Тој рече дека денеска се поделени заштитни маски на матичните лекари. Станува збор за донација од 3.000 маски во текот на вчерашниот ден, а денеска и уште 3.000 платнени и хирушки маски кои ќе им бидат поделени на матичните лекари.
Во врска информациите со цените на тестовите, посочи дека го коментирале објавениот документ за набавката на тестовите кој е по регукларна пазарна цена, но проструила значајно поголема цена од близу 5.000 денари и тоа не е цена по која се набавуваат тестовите.
– Станува збор за цена по која Фондот за здравствено осигурување ги откупува услугите услугите кон ИЈЗ односно центрите за јавно здравје. Значи цена на чинење е таа сума значајно поголема од тоа што се шпекулира дека е цена на чинење на тестот по која Фондот плаќа кон јавно здравствените установи за една услуга да се направи. При тоа тука постои специфична технологија на пресметка, тоа е т.н. ДРГ цена, цена на услуга каде не се калкулира само потрошниот материјал, туку и вработените, нивните плати, одржувањето на материјалите. Така функционира целокупниот здравствен систем, рече Филипче и додаде дека тестовите за граѓаните, за пациентите во ИЈЗ, брисевите земени во центрите за јавно здравје се апсолутно бесплатни.
Најави дека на почетокот на следната недела се очекува поставувањето на мобилната болница до Клиниката за инфективни болести. – Таму ќе бидат поставени објекти во кои ќе се сместат близу 130 кревети со што капацитетот на Клиниката за инфективни болести се дуплира со соодветни тоалети, суви ходници со кои ќе се комуницира до неа, рече Филипче. рп/са/