Утрински Весник
Македонија

Филипче: Граѓаните од утре ќе можат на нова веб-страница да се пријават за вакцинација против ковид-19

Венко Филипче-фото: Министерство за здравство

Од утре ќе се пушти во употреба нова веб-страница преку која граѓаните ќе можат да се пријават за вакцинација против ковид-19. Ова го најави денеска министерот за здравство Венко Филипче, по обиколката на Поликлиниката Бит Пазар, каде се сместени фрижидерите во кои ќе се складираат вакцините на кинеската државна компанија „Синофарм“.

„Ќе може да се пријави буквално секој за вакцинација, а системот автоматски ќе ги генерира приоритетните“, изјави Филипче и додаде дека дневниот капацитет за вакцинирање е 880 лица во сите седум поликлиники што се под Здравствен дом во Скопје, а околу 500 ќе бидат во пунктот во Клиничниот центар во Скопје.

Филипче посочи дека е направен оперативен план за процесот на вакцинација, а пунктовите за вакцинација, во Здравствениот дом во Скопје – во поликлиниките во Ченто, Букурешт, Јане Сандански ќе работат во две смени. По една смена ќе работат пунктовите во поликлиниките Ѓорче Петров, Млин Балкан и сите 7 поликлиники ќе бидат активни.

Директорот на Здравствениот дом во Скопје, Виктор Исјановски рече дека работното време во трите поголеми поликлиники Букурешт, Јане Сандански и Чаир ќе биде во периодот од 8 до 20 часот.

„Децата од претшколска или школска возраст ќе бидат упатувани од сабајле во Поликлиниката Ѓорче Петров или пак во амбулантата во Карпош, за да не бидат загрозени и тој тип на имунизација да продолжи и понатаму. Останатите 4 поликлиники ќе работат во попладневните часови. Мислам дека 22 позиции се доволни во овој момент да опфатиме и дека со тек на време ќе може терминот од 10 минути да го намалиме на 5 минути, за вакцинацијата да оди побрзо“, изјави Исјановски.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер