Министерот за здравство, Венко Филипче, утрово беше во посета на Клиничката болница во Штип, каде што почна да се поставува монтажната болница за третман на пациенти со Ковид-19.
„Одлично оди динамиката со поставувањето на модуларните болници насекаде низ државата, онаму каде што дефиниравме дека е приоритет. Штип е еден од градовите заедно со Гевгелија, Кичево, Струга. Понатаму, следуваат Струмица и Куманово. Ова е еден модел кој го правиме со помош на Светската банка, кој ќе даде значајно полесен пристап на пациентите кои се заболени од Ковид-19 и повисок степен на квалитет на лекување“, потенцираше министерот.
Како што информираат од ресорното министерство, модуларните болници се опремени со соодветна дијагностичка опрема, лабораторија, мобилни дигитални рентген апарати, ЕХО-апарати…
„Со поставувањето на оваа модуларна болница во Штип се добива уште една предност, а тоа е веќе потпишаниот договор за целосно реновирање на сегашното инфективно одделение, благодарение на проектот на Европската Унија за меѓугранична соработка. Овој проект го одложивме затоа што сега таму се сместени голем број пациенти и практично ќе продолжи да се спроведува кога пациентите ќе се префрлат во оваа модуларна болница, што очекуваме да се случи некаде на крајот на месец јануари“, рече Филипче.