Вооружен поранешен војник кој полицијата го бараше во југозападна Франција од неделата беше фатен во понеделникот и ранет за време на апсењето, објави францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин на „Твитер“.
Човекот беше „неутрализиран“, напиша министерот, честитајќи им на полицајците и особено на единицата за интервенција за нивната одлучна акција.
Мажот бил ранет со истрели од огнено оружје, според извор близок до истрагата.
Интервентната полиција од Тулуз и Сартори, во областа Париз со повеќе од 300 жандарми со кучиња, поддржани од седум оклопни возила и седум хеликоптери, се обиде да пронајде 29-годишен маж кој се засолни на недостапен пошумен и стрмен терен од околу 4 квадратни километри.
Драмата започна во неделата навечер во Лардин-Сен Лазар.
Маж кој веќе четири пати бил осудуван за семејно насилство врз неговата поранешна партнерка, мајка на неговите три деца, дошол во нејзиниот стан околу полноќ и го нападнал нејзиниот нов партнер.
Кога полицијата пристигнала на повик на сосед, поранешниот војник пукал кон нивните возила и побегнал.
Неговата поранешна партнерка и трите деца поминале без повреди и полицијата ги сместила на безбедно.
Извори запознати со истрагата наведуваат дека осомничениот е поранешен војник кој служел војска од 2011 до 2016 година.