Северна Македонија има двојно поголем број на лекари на 10.000 жители во споредба со Албанија. Кога станува збор за бројот на смртни случаи од редовите на белите мантили, овој сооднос е преполовен. Од почетокот на пандемијата, бројот на лекари кои ги загубија своите животи во Албанија е двојно поголем од оној во Македонија. Во оваа алармантна ситуација здравствените организации, како меѓународни така и од земјата продолжуваат со повици за да се спасат животите на вработените во здравствениот систем, пишува Фактоје.ал, пренесува Порталб.мк.
Во Албанија, од почетокот на пандемијата ковид-19 до сега, 27 вработени во здравствениот систем ги загубија животите откако се заразени со вирусот Сарс-Ков-2. Северна Македонија пријавува за 14 работници во здравствениот систем што починале од новиот коронавирус.
Албанија е рангирана меѓу земјите кои имаат помал број лекари во однос на популацијата, според Светската здравствена организација, од податоците ажурирани до 2016 година.
Според овој извештај, Албанија има само 12 лекари на 10 илјади жители, бројка што е најниска во Европа, додека нивното заминување во Германија во последните години, дополнително го намали нивниот број. Северна Македонија има 29 лекари на 10 илјади жители, Србија има 31, Црна Гора 27 и Босна 22. Грција го држи рекордот во Европа, со 55 лекари на 10 илјади жители.
Иако има помалку од половина од лекарите на 10.000 жители, Албанија изгуби двојно повеќе лекари од оние во Република Северна Македонија за време на пандемијата.
„Чувајте ги здравствените работници безбедни, за и пациентите да се безбедни“, беше советот на Светската здравствена организација до сите влади уште од појавата на пандемијата со ковид-19.
СЗО наведува и неколку чекори што треба да ги преземат владите за да се спасат животите на вработените во здравствениот систем.
„Морална и законска должност на владите е да го гарантираат здравјето, безбедноста и благосостојбата на здравствените работници. Воспоставете синергија помеѓу безбедноста на здравствените работници и политиките и стратегиите за безбедност на пациентите; Развивајте и спроведувајте национални програми за здравје и безбедност при работа на здравствени работници; Заштитете ги здравствените работници од насилство на работното место; Подобрете го менталното здравје и психолошката благосостојба; Заштитете ги здравствените работници од физички и биолошки опасности“, се некои од советите на СЗО до владите.
Инфектологот, исто така и член на Техничкиот комитет на експерти за коронавирус во Албанија, Тритан Кало, објави „пост-омаж“ на социјалните мрежи за лекарите кои ги загубија своите животи од коронавирусот.
„Омаж за нашите бели мантили кои ги загубија своите животи додека се соочуваа со предизвикот на векот, 24 ѕвезди кои ќе недостасуваат во низата ѕвезди албански лекари, кои работеа и се жртвуваа цел живот за да ги заштитат и спасат животите на другите. Ве молам, за да го почитувате нивното име и дело, почитувајте се за да ја намалите можноста од инфекција од SARS-CoV-2 / Ковид-19!“ напиша докторот Кало.
За Албанија, смртта на толку многу лекари, или двојно поголем број на жртви отколку во Северна Македонија, од белите мантили, е силен удар врз здравствениот систем, кој е осиромашен и во текот на последните години со заминувањето на лекарите во Германија или другите развиени земји.