Утрински Весник
Македонија

Училишниот час ќе трае пократко од 40 минути, постои можност и учебната година да заврши порано

Коронавирус во 37 училишта во Берлин, дел од учениците и вработените се во карантин

Собранието вчера вечерта ги изгласа измените на Законите за основно и средно образование со кои се обезбедува непречено организирање на наставата во државата и во време на вонредни околности, каков што е случајот со пандемијата со Ковид-19.

Измените на двата закона предвидуваат наставниот час да трае пократко од 40 минути, заради поголема заштита на учениците кои ќе следат настава со физичко присуство. Со законските измени е предвидено и можност за кратење на наставните денови во учебната година од 180 на најмалку до 100.

Со законските измени се прават исклучоци во однос на започнувањето и завршувањето на учебната година за време на вонредни околности така што, учебната година може да започне и заврши и во време различно од времето кога вообичаено започнува учебната година, за што ќе одлучува Владата.

Од Министерството за образование и наука велат дека со законските измени, за прв пат во државата, се овозможуваат исклучоци од редовниот воспитно- образовен процес и тоа во повеќе случаи: во услови кога има утврдена кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави, или други големи природни непогоди.

Во вонредни услови, со овие законски измени, наставата во основното и средното училиште ќе може да се организира со физичко присуство на учениците, или на далечина со примена на средства за електронска комуникација. Според измените на законите организирањето на наставата со физичко присуство на учениците ќе биде можно, само ако, се исполнети критериумите и условите согласно протоколите и планот за одржување на наставата за основните и средните училишта, донесени од Владата.

Законските измени беа подготвени врз основа на студии од меѓународни организации како што се Светската здравствена организација (СЗО), Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ), Меѓународната фондација на Црвениот крст (ИФЦР) и истражувањата поврзани со КОВИД-19.

Направените студиите, врз основа на статистичките податоци, ја потенцираат важноста на локалната епидемиологија при одлучувањето за настава со физичко присуство, но исто така и одговорното и совесното применување на мерките за превенција од КОВИД-19 во училиштата.
За успешно стартување на учебната година Владата веќе ги усвои Протоколите и Планот според кои во тек се подготовките во основните и средните училишта за почеток на наставата од први октомври годинава.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Каранфилова-Пановска: Ќе бидам верен соработник во креирањето и спроведувањето на новите политики за промени на СДСМ

Обвинителство: Има материјални докази дека Палчо е сторител на двојното убиство

МЖСПП: Советничката Ирена Витина подобро да се информира, пред да изнесува невистини во јавност