Штип, 13 февруари 2020 (МИА) – Седуммина ученици од средното електро-машинско училиште „Коле Нехтенин“ од Штип беа на обука за заварувачи во Портогалија, во рамки на програмата Еразмус плус, што го реализира штипскиот отворен граѓански универзитет „Ванчо Прќе“.
Трајче Петров од отворениот граѓански универзитет „Ванчо Прќе изјави дека во проектот биле опфатени три средни училишта од Штип, Свети Николе и Кавадарци.
– Беа опфатени 22 ученика, кои 15 дена беа на обука во Португалија. Во рамките на самата обука тие се сретнаа со нови знаења и вештини, вели Петров.
Учениците од втора, трета и четврта година од машинската струка во СОУ „Коле Нехтенин“ велат дека обуката била големо искуство, но и можност да покажат што знаат од практичната настава во нивното училиште. Двајца ученици веќе добиле и понуда за работа во фабриката, каде имале обука во португалскиот град Брага,
– Тоа што го научив во Португалија ќе го пренесан на моите другари во училиштето, вели ученикот Дарио Јованов.
– Се надевам дека ваквото искуство што го стекнавме ќе може да се повтори и за некои други ученици во наредните години, вели ученикот Лука Стојменов.
Професорот во машинската струка Даниел Ѓеоргиев забележа дека учениците биле подготвени да покажат што знаат, но и да научат како се работи во големи фабрики.
-Таму бевме во фабрики 10 дена каде што работеа нашите ученици, во фабриките за заварување, вели Ѓеоргиев.
Директорот на СОУ „Коле Нехтенин“-Штип, Дејан Павлов истакна дека преку ваквите проекти се афирмира училиштето, а покажaното знаење е потврда за квалитетната пракса.
– Целта е практичната настава да биде на повисоко ниво, вели Павлов. вдј/рп/