Учениците од прво до трето одделение ќе почнат да одат во училиште, додека останатите ќе ја следат наставата онлајн, со два исклучоци, информираа на денешната прес-конференција министрите за здравство и за образование, Венко Филипче и Арбр Адеми.
Првиот исклучок е, доколку некој од родителите на децата од прво до трето одделение не се согласува, нивното дете ќе може да ја следи наставата и онлајн. Ова особено важи за децата кои имаат хронично болни родители.
„Кај децата од прво до трето одделение инциденцата е најмала, тие се асимптоматски и со лесна клиничка слика, покажаа нашите истражувања. Но, по барање на родителите овие деца ќе можат да ја следат наставата и онлајн. Во училниците не смее да има повеќе од 20 ученици, наставникот нема да смее да ја напушти училницата односно ќе биде присутен цело време, а нема да има контакти меѓу една и друга група на ученици“, рече Филипче.
Адеми соопшти дека по барање на одредени општини, ќе се разгледува одделно можноста и учениците од трето одделение па нагоре, наставата да ја следат физички.
„По барање на општините, а во согласност со епидемиолошката состојба, ќе се разгледуваат барањата за реализација на наставата со физичко присуство и за тоа ќе се одлучува накнадно, за секоја општина одделно“, рече Адеми.
Тој додаде дека ќе се доделуваат IT-уреди за децата од социјално загрозени семејства.