Утрински Весник
Македонија

Утре започнува „Џифони Македонија“ на кој ќе учествуваат 300 млади од 13 земји

Утре започнува „Џифони Македонија“ на кој ќе учествуваат 300 млади од 13 земји

Утревечер во 19 часот во Кинотеката на Македонија, со проекција на италијанскиот филм „Мојот брат брка диносауруси“, кого Европската филмска академија го избра за најдобар филм за млада публика за 2020 година, ќе биде отворен фестивалот „Џифони Македонија 2020“. Овогодинешната тема на фестивалот е Земја (Earth) како дел тригодишниот циклус посветен на животната средина (2018 г. – Вода, 2019 г. – Воздух), кој се совпаѓа со 50-годишнината од основањето на матичниот фестивал „Џифони Експериенс“.

Околу 300 ученици од основно и средно образование, на возраст од 11 до 19 години од Македонија и од 12 други земји ќе имаат можност да се дружат со помош на новата младинска дигитална платформа youth.mk, на која ќе се презентира богатата понуда на филмови и други содржини на фестивалoт и ќе им се овозможи на учесниците директно да се вклучуваат во работилниците и другите онлајн настани и да имаат интерактивни средби со гостите.

„Младите со нетрпение го очекуваа дружењето, но моравме фестивалот да го одржиме онлајн. Добар дел од нашите џифонци првично ни изреагираа дека ќе им фали фестивалот во живо и дека веќе им се смачува сѐ да биде онлајн, меѓутоа ние сме позитивно изненадени од одѕивот. За да не биде сѐ онлајн, ќе имаме филм секоја вечер во летното кино на Кинотеката, во програмата „Џифони плус“. Ќе прикажеме филмови кои третираат важни теми за младите, а и ќе имаме прилика да излеземе од домовите и да уживаме во магијата на филмското платно. Се надеваме дека следната година ќе се вратиме во нормала“, вели Дарко Башески, директор на „Џифони Македонија“.

Официјалната филмска програмата наменета на учесниците вклучува 12 долгометражни играни кои ќе се натпреваруваат во три категории, според возраста на младите учесници – членови на жирито: јуниори (од 6. до 9. одделение), кадети (1 и 2 година средно) и сениори (3 и 4 година средно). Во уште четири натпреварувачки категории со 35 краткометражни филмови ќе се гласа и за најдобар краток филм, анимиран филм, како и за најдобар краток филм од млади автори – ученици или студенти.

Македонски гости кои ќе присуствуваат на фестивалот се младите режисери Леон Ристов, Ана Андонова, Сергеј Сарчевски и Мартин Чичовски, како и јутјуберот Стефонатор. Во средбата посветена на родовата еднаквост ќе бидат прикажани неколку епизоди од францускиот серијал „Бестрашни“ кој зборува за храбрите жени од светската историја. Една од сребите ќе биде посветена на документарните филмови од млади автори прикажани во рамките на „Докуникулци“.

Освен сите овие содржини кои ќе се одвиваат онлајн, овогодинешното издание предвидува и програма во живо, „Џифони Плус“, наменета за пошироката публика, која ќе се одвива секоја вечер од 19 часот во летното кино на Кинотеката на Македонија, во целосна согласност со протоколите за безбедност. Така, покрај филмот кој ќе се прикаже на свеченото отворање, програмата во отвореното кино предвидува уште четири филмски проекции на интересни филмовите говорат за адолесцентите, за односите меѓу родителите и децата и предизвиците со кои тие се соочуваат во тој деликатен период од животот.

Влезот на сите проекции е бесплатен, а билетите може да се резервираат со линк од веб страницата на „Џифони Македонија“ еден ден пред проекцијата на секој филм.

Фестивалот ќе трае од 25 до 30 септември, а истиот е поддржан од Агенцијата за филм и Министерството за култура, Град Скопје, партнерот од Италија – Џифони Експириенс, Министерството за култура и туризам на Италија, Министерството за надворешни работи на Италија, Амбасадата на Италија во Македонија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје со чија поддршка е креирана дигиталната младинска платформа YOUTH.MK.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер