Утрински Весник
Македонија

Уставен суд: Одлуката за задржување на висината на платите е донесена едногласно

Уставниот суд не поведе постапка за амнестијата за „27 април“

Скопје, 29 април 2020 (МИА) – Уставниот суд, по повод вчерашното соопштение на Владата по однос на одлуката на Судот за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Уредбата со законска сила за определување на висината на платата на избраните, именуваните и назначените лица во јавниот сектор за време на вонредна состојба и за Уредбата со која таа се дополнува, информира дека таа е донесена едногласно.

– Тоа значи дека кај сите судии во оваа фаза од постапката, нема никаква дилема дека основано може да се постави прашањето за согласноста на овие акти со низа уставни и законски одредби. По однос на ставовите на Судот за овие уредби, но и за другите уредби со законска сила за кои на вчерашната се седница се одлучи да се поведе постапка за оценување на нивната уставност и законитост, согласно Деловникот на Судот, Владата ќе има можност да даде свои правни аргументи, наместо вчерашните непримерни и паушални наводи, кои не се во согласност со владеењето на правото и се насочени против самостојноста и независноста на Судот која треба да биде почитувана од секого вклучувајќи ја и Владата, истакнаува Уставниот суд во денешното соопштение.

Судот посебно реагира на оценките од владиното соопштение дека Одлуката за поведување постапна на уставноста и законитоста на „Уредбата за намалување на платите на 2.060 функционери, пратеници, судии, обвинители и директори на минимална плата од 14.500 денари за април и мај, директно штети на солидарноста во нашата земја“ и „директно спречува обезбедување околу 240 милиони денари во Буџетот на РСМ за мерки за справување со Ковид-19“, како и дека „Владата изразува разочарување од ваквата скандалозна одлука која ја загрозува борбата со коронавирусот“.

Од Судот посочија дека судиите на Уставниот суд, во ниту еден момент од вчерашната расправа и при одлучувањето, не изгубиле од предвид дека вонредната состојба е прогласена поради ширењето на коронавирусот, при што истовремено ја препознале потребата од преземање мерки за спречување на епидемијата и индиректните последици од истата.

– Притоа, неспорно е дека улогата на Владата во ваква состојба е клучна, преку нејзиното уставно овластување за донесување на уредби со законска сила. Меѓутоа, ова овластување е ограничено со Уставот и законите и уредбите со законска сила мора да бидат во овие рамки, додека Судот има уставна должност да ја штити уставноста и законитоста и во состојби како што се наоѓа сега Републиката, нагласија од Уставен суд. см/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

СДСМ: Намалувањето на парите за чист воздух е удар врз здравјето на народот

Во аптека ќе се оди само со електронски рецепт, хартиените рецепти ќе бидат целосно исфрлени од употреба во јуни следната година

Владата повторно ќе му помогне на ЈСП ако не успее тендерот за нафта