Скопје, 14 мај 2020 (МИА) – Управниот суд денеска на својата веб страна ја објави пресудата за рудникот „Иловица“.
– Поради покажаниот голем интерес на медиумите, а со цел објективно информирање на јавноста во врска со поднесената тужба од тужителот Друштво за производство, промет и услуги „Еуромакс Рисоурсес“ ДОО Скопје изјавена против решението на Државната комисија УП.број 0810 – 102 од 5 9 2019 година, Управниот суд ја извесува јавноста дека од страна на судот е донесена пресуда У-6 број 575/2019 од 31.03. 2020 година, се наведува во соопштението од Судот.
Истовремено, како што информираат од Судот, се работи за предмет кој е од итен карактер и треба да се постапува за време на траење на вонредната состојба.
– Со донесената одлука од страна на Управниот суд предметот е вратен на повторо одлучување поради процесни неправилности (постоење на претходно прашање за главната работа), додека за главната работа по предметниот спор постапката е во тек, се наведува во соопштението.
Од Судот велат дека наведената одлука е уредно доставена до странките во управниот спор, полномошникот на тужителот и тужениот орган и истата е објавена на веб страната на Управниот суд, а сето тоа согласно Уредбата со законска сила за роковите во судските постапки за време на вонредната состојба и постапувањето на судовите и јавните обвинителства (Службен весник на РСМ број 84/2020), рокот од 15 дена започнува да тече од денот на престанувањето на вонредната состојба. дма/сп/