Скопје, 18 јуни 2020 (МИА) – Бенефиции на деновите за одмор, на стажот, платени годишни одмори, финансиски награди, привилегирани систематски прегледи…, бара Унијата на здруженијата на медицински сестри (ЗМСТАС) .
– Херои сте кога ја добивате битката, но за жал ние сме соочени со наплив на пациенти. Кога не се почитуваат мерките тоа е како да сте се здружиле со непријателот. Издржавме многу и во други времиња на немири, епидемии, сообраќајни незгоди, и на крајот од се бевме поголеми и посреќни бидејќи успевавме да се справиме. И сега се справуваме но, лавината е се поголема, времето се пролонгира и неизвесноста трае. Мораме пред професионалниот предизвик да издржиме и да се спротиставиме на стравот, да се поклониме на храброста и чувствителноста која не краси. Да бидеме во мислите со нашите колеги кои се заразија и да се чуваме максимално бидејќи зависиме еден од друг, велат од Унијата на ЗМСТАС.
– Затоа сите медицински сестри кои се префрлени, надополнети, преструктуирани од едно на друго одделение, во други институции, во ковид центрите… треба да бидат платени под тие услови, а не со лични доходи од матичното работно место кое е на друг начин со коефициент изразено. Ова е нешто на кое секојдневно треба да се води сметка бидејќи во овие исцрпувачки работни денови не треба вака да бидат дестимулирани медицинските сестри, вели сестра Горданка Бешлиовска, претседател на Унијата предводена од здружението „За нас“.
Апелираат да се почитуваат дадените превентивни мерки, да водиме грижа за себе, за нашето здравје и за здравјето на нашите најблиски.фф/