Утрински Весник
Свет

Унгарија отстапува од регулативите на Брисел, Орбан побара одобрување на кинсеската вакцина

Унгарија отстапува од регулативите на Брисел, Орбан побара одобрување на кинсеската вакцина

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во петокот изрази надеж дека во рок од неколку дена, националниот регулатор на лекови јасно ќе одговори дали може да се користи кинеската вакцина против коронавирус.

Во обид да се забрза вакцинацијата, владата на Орбан во четвртокот објави дека се согласила да купи вакцина од кинескиот производител „Синофарм“.

Со репутација на земја која не се двоуми да отстапи од регулативите на Брисел, Унгарија на тој начин би станала првата членка на Европската унија што одобрила употреба на кинеска вакцина против Ковид-19.

Унгарија во четвртокот усвои декрет за набавка на вакцини надвор од централизираниот систем на Европската унија, откако нејзиниот министер за надворешни работи рече дека европскиот систем за снабдување е скандалозно бавен.

„Има повеќе од милион дози кинеска вакцина што може да се користат во рок од неколку дена“, рече Орбан.

Унгарските капацитети за вакцинација се далеку поголеми од количината што е достапна преку набавките обезбедени од ЕУ, објасни тој.

Досега, Унгарија вакцинираше повеќе од 105.000 луѓе (здравствени работници и жители на домови за стари лица) со вакцини од два производитела, односно вакцината на „Фајзер“ и онаа од „Модерна“.

„Доколку има доволно дози на вакцина, Унгарија би можела да вакцинира половина милион луѓе на ден“, рече Орбан.

Според истражувањето спроведено од Централниот завод за статистика во петокот, расте бројот на Унгарци склони кон вакцинирање, иако досега само 27 отсто од нив се цврсто подготвени за вакцинирање.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Два брода со мигранти се превртеа кај Мадагаскар, 25 лица загинаа

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење