Утрински Весник
Свет

Украинската армија тврди дека десетици Руси загинале во борбите во Херсон

Украинската војска утринава соопшти дека убила десетици руски војници и уништила две складишта со муниција во борбите во регионот Херсон, центарот на контраофанзивата на Киев на југот на земјата и клучната врска со линиите за снабдување на Москва.

dobivaj vesti na viber

Железничкиот сообраќај до Херсон преку реката Дњепар е прекинат, соопшти јужната команда на војската, што потенцијално дополнително ќе ги изолира руските сили западно од реката од залихите во окупираниот Крим и на исток.

Украина во последните неколку недели користеше ракетни системи со долг дострел испорачани од Запад и тешко оштети три м оста над реката Дњепар, отсекувајќи го градот Херсон и оставајќи ја 49-та руска армија стационирана на западниот брег на реката многу ранлива, проценуваат британски функционери од одбраната.

„Како резултат на огнот кој воспостави контрола над главните сообраќајни врски на окупираната територија, утврдено е дека сообраќајот преку железничкиот мост над реката Дњепар не е возможен“, се вели во соопштението на украинската јужна команда.

Во соопштението се наведува дека повеќе од 100 руски војници и седум тенкови биле уништени во вчерашните борби во регионот Херсон, првиот голем град заземен од Русите по инвазијата врз Украина на 24 февруари. Првиот заменик-шеф на регионалниот совет на Херсон, Јуриј Соболевски, им порача на жителите да се држат настрана од депонии за руска муниција.

„Украинската армија се бори против Русите и ова е само почеток“, напиша тој на Телеграм.

Според проукраинскиот гувернер на областа Херсон, Дмитри Бутри, областа Берислав е особено погодена. Берислав се наоѓа преку реката, северозападно од хидроцентралата Каховка.

„Во некои села ниту една куќа не остана недопрена, целата инфраструктура е уништена, луѓето живеат во подруми“, напиша тој на Телеграм.

„Ројтерс“ не може независно да ги провери овие извештаи, а претставници на руската администрација која управува со регионот Херсон претходно оваа недела ги отфрли западните и украинските проценти на ситуацијата.

Можете да прочитате

Могерини ослободена по притворот во истрагата за измама

Холандскиот Апелациски суд одби да ги олабави правилата за асистирано самоубиство

Средбата на Виткоф со Путин во Москва трае веќе три часа