Делчево, 28 мај 2020 (МИА) – Укината забраната за продажба на текстил, пластичарски и други производи на Градскиот пазар од Делчево. Ова е заклучокот од денешниот состанок на Општинскиот кризен штаб во Делчево, на кој претставници од надлежните институции ја разгледуваа состојбата со Ковид-19 во Делчево и мерките кои се преземаат за превенција од заразата.
Оттаму информираа дека одлуката, повторно да можат да се продаваат текстилни и пластичарски производи, стапува на сила од сабота, 30 мај 2020 година.
– Од оваа сабота, градскиот пазар во Делчево освен за прехранбените ќе биде отворен за работа и продажба и на други производи, вклучително и пластика и текстил. Продажбата како и во изминатите две недели ќе се одвива со строга примена на мерките за заштита од заразата Ковид-19, односно со задолжително носење маски, држење растојание од два метри и забрана за групирање, информираа од Кризниот штаб во Делчево.
Пред пазарниот ден, како што додаваат ќе се преземат вообичаените мерки за дезинфекција на просторот за продажба.
– Територијалната противпожарна единица од Делчево ќе врши дезинфекција на просторот и тезгите пред почетокот на пазарниот ден и по неговото завршување, а ќе функционира и редарска комунална служба преку засилена полициска контрола, додадоа од Општинскиот кризен штаб.
Претходно, согласно заклучокот на Регионалниот кризен штаб од 18 март 2020 година, Градскиот пазар во Делчево беше затворен за работа. вс/см/