Нион, 22 април 2020 (МИА) – Европската фудбалска централа (УЕФА) ги негираше извештаите во медиумите дека е направено барање од Светската здравствена организација (СЗО) да се стопираат сите натпревари до крајот на 2021 година.
Италијанскиот весник „Република“ објави дека радикален предлог да се запре фудбалот на 18 месеци пристигнал од СЗО, но портпарол на УЕФА тврди поинаку.
– Тоа не е точно. Ваква препорака од СЗО никогаш не пристигнала, изјави портпаролот на УЕФА за „Индепендент“, додавајќи дека целта е да се завршат актуелните натпреварувања по завршувањето на пандемијата од коронавирусот.
УЕФА во вторникот имаше состанок, на кој беа донесени нови решенија за завршување на фудбалските лиги, преместување на финалињата на Лигата на шампионите и Лигата на Европа, како и нови термини за баражите за ЕП 2021.