Сите новозапишани студенти на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип во учебната 2020/2021 година ќе студираат бесплатно, информираат од Филолошкиот факултет.
– Во насока на мотивирање на идните студенти, Филолошкиот факултет при УГД Штип одлучи со сопствени средства да го финансира студирањето во првата учебна година. Ќе се види колкава е бројката на новозапишани студенти на ниво на факултет и не се исклучува можноста да се стипендираат студентите и на другите катедри – изјави за „Мета.мк“ Мишко Џидров, проректор за настава и студенти при УГД Штип.
Тој вели дека досега истиот факултет организирал и конкурс за најдобар есеј и најдобар книжевен превод, со кои се доделиле ваучери за покривање на партиципацијата за првата година од студиите на кој било факултет при УГД.
– Предвидените средства за овие активности се од сопствени средства од работењето на Институтот за јазици при Филолошкиот факултет – додава Џидров.
Во тек е подготовката на овогодишниот конкурс за упис на студенти, кој ќе покаже колку слободни места ќе има за запишување на сите катедри на Филолошкиот факултет при УГД Штип.