Пред потпишувањето на Охридскиот рамковен договор етничките заедници во Република Македонија се чувствуваа маргинализирани и деградирани како заради ограничената можност во користењето на мајчиниот јазик така и заради несоодветната застапеност во државните и јавната администрација, велат од Партија за движење на Турците – ТХП.
„По потпишувањето на Охридскиот рамковен договор овие слабости почнаа да бидат надминувани, така што договорот се претвори во еден процес на мултиетничка демократија. По20 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор сметаме дека треба да се анализира како се чувствуваат помалкубројните етнички заедници. Анализирајќи ги извештаите на Народниот правобранител и регистарот на вработени на МИОА се гледа дека турската заедница не е доволно застапена во државната и јавната администрација. Исто така во Собранието на Р Северна Македонија турската заедница не е доволно застапена, како и во сите други нивоа на правниот систем“, велат од партијата.
Според Партијата за движење на Турците (ТХП) Охридскиот рамковен договор треба да се заокружи со промена на изборниот закон, односно изборен модел.
„Со нов изборен модел треба да се даде еднакви можности за сите граѓани. Исто така факт е дека постои очигледна потреба од дополнителен ангажман на државата за остварување, унапредување и заштита на правата на помалкубројните етнички заедници“, велат од ТХП.