Утрински Весник
Свет

Турција: Историјата нема да го прости лицемерниот договор на Емиратите со Израел

Турција: Историјата нема да го прости лицемерниот договор на Емиратите со Израел

Турција соопшти дека историјата нема да го заборави „лицемерното однесување“ на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), кои потпишаа договор за нормализирање на односите со Израел.

Израел и Обединетите Арапски Емирати постигнаа историски договор со посредство на САД, што ќе доведе до целосна нормализација на дипломатските односи меѓу двете земји.

Турското Министерство за надворешни работи соопшти дека палестинскиот народ и владата биле во право кога остро реагирале на договорот, кој ја пренасочува блискоисточната политика од палестинското прашање на борбата против Иран.

Во заедничката изјава на американскиот претседател Доналд Трамп, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и престолонаследникот на Абу Даби, Мохамед ал Нахјан, стои дека се надеваат дека историскиот пресврт ќе придонесе за мирот на Блискиот Исток.

Потпишувањето на договорот се смета за голем успех во надворешната политика за претседателот Трамп кој посредуваше во процесот на потпишување на договорот.

Турција има дипломатски и трговски односи со Израел, но односите се затегнати со години, откако израелските командоси пресретнаа брод со турските активисти во 2010 година кои се обидувале да ја пробијат блокадата на Појасот Газа управувана од исламистичкото движење Хамас. Во таа акција загинаа 10 турски активисти.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Путин потпиша закон за отпис на кредитни долгови за учесниците во специјалната воена операција

33.000 домаќинства во Франција останаа без струја поради невреме

Писториус: Европа се соочува со долгорочна руска закана