Турција ги повика властите на Косово да се откажат од намерата за отворање амбасада во Ерусалим бидејќи тоа го нарушува историскиот и правниот статус на Ерусалим и ѝ штети на палестинската кауза, а може и да го загрози процесот на признавање на Косово од трети држави, пренесува „Анадолија“.
Бројни одлуки на ОН наведуваат дека решението за блискоисточната криза е можно само со воспоставување на независна палестинска држава со границите од 1967 година и со Источен Ерусалим како главен град.
Турското Министерство за надворешни работи соопшти дека од пораките на косовскиот претседател, премиер, шеф на дипломатијата и други официјални лица е јасно дека Косово и Израел планираат меѓусебно признавање и дека Косово планира да отвори амбасада во окупираниот Ерусалим.
Во саботата косовскиот претседател Хашим Тачи објави на Твитер: „Ја поздравувам изјавата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за искрената намера да го признае Косово и да воспостави дипломатски односи. Косово ќе го одржи ветувањето дека ќе ја отвори својата дипломатска мисија во Ерусалим “.
И премиерот Авдулах Хоти, исто така на Твитер, ја повтори заложбата.
Турција посочи дека е разочарувачки што Косово како мнозински муслиманска земја размислува за таков чекор, кој претставува јасно и грубо кршење на меѓународното право и резолуциите на ОН.
Потсетувајќи дека токму Турција беше меѓу првите земји што ја признаа независноста на Косово во 2008 година и дека го поддржала признавањето на Косово на меѓународната сцена, во соопштението од Анкара се наведува дека Турција смета дека таквиот процес не треба да продолжи со кршење на меѓународното право и маката на палестинскиот народ, чија земја е окупирана.
„Ги повикуваме лидерите на Косово да ги почитуваат тие одлуки и да го избегнат чекорот што го нарушува правниот и историскиот статус на Ерусалим и кој би можел да биде идна пречка за признавање на Косово од страна на други земји“, се наведува во соопштението.