Управниот суд во Скопје смета дека тужбата на поранешниот концесионер за рудниците за злато и бакар во Иловица и Штука, „Еуромакс Рисоурсес“ била од „од итен карактер“ па затоа по тој предмет требало да се решава за време на вондредна состојба. Иако судот вели дека ваквата одлука е уредно доставена до сите странки, од Министерството за економија велат дека сè уште не ја добиле.
На својата веб-страница судот објави кратко соопштение во кое нема никакво објаснување од кои причини овој предмет бил „од итен карактер“. Дополнително, во соопштението потпишано од претседателот на судот, Бурим Сејдини, се вели дека со одлуката да се прифати тужбата предметот е вратен на повторно одлучување. Во пракса тоа значи дека одземањето на концесијата за рудниците не е финализирано и постои можност Еуромакс сепак да ги изгради.
Во својата тужба, канадската компанија ја оспорува одлуката на Второстепената владина комисија која во октомври минатата година им го одби барањето за дозвола за експлоатација на минерални суровини, а врз основа на тоа Министерството за економија го раскина договорот за концесија. Основниот аргумент на Еуромакс, кој судот го прифатил, е дека Второстепената комисија пред да го одбие барањето требала да ја почека владината одлука по претходно доставено барање за спојување на двете концесии кои ги поседуваше Еуромакс.
Локалното население од Струмица и околината две години се спротиставуваат со остри протести и барања до надлежните да нема рудник во овој земјоделски крај. Според нив, рудниците ќе ја уништат животната средина во овој крај и драстично ќе го намалат квалитетот на живот.
За пресудата на Управниот суд јавноста дозна откако Еуромакс се пофали на својата веб-страница, а еко-активистите од Струмица ја обелоденија на социјалните мрежи.
Во соопштението на Судот, меѓу другото, се вели дека рокот за жалби од 15 дена започнува да тече од денот на престанувањето на вонредната состојба, како и дека наведената одлука била уредно доставена до странките во управниот спор, полномошниците на тужителот и тужениот орган и објавена е на веб сајтот на судот.
Но, од Министерството за економија, кое минатата година го иницираше раскинувањето на концесијата со „Еуромакс Рисоурсис“, за МЕта велат дека сè уште не ја добиле пресудата.
„Откако ќе пристигне, Министерството за економија ќе одговори во законски утврдените рокови“, стои во одговорот од Министерството каде се наведува и дека ставот на Министерството за економија дека е оправдано и законски основано раскинувањето на предметниот договор за концесија.
„Концесионерот ја нема доставено целокупната документација кон Барањето за дозвола и покрај дополнителните рокови за дополнување на истата и заради тоа исполнети се условите утврдени во Законот за минерални суровини за раскинување на договорот“, се вели во дописот од Министерство за економија.
Министерот Крешник Бектеши минатата година во октомври изјави дека „внимателно биле запазени сите претходни процедури и многу внимателно биле обмислени сите преходни одлуки за да не ја ставиме државата во тешка ситуација во која таа би можела да загуби на арбитражен суд“.
Десетици концесии за минерални суровини во источниот дел на земјата беа доделени на повеќе концесионери од страна на претходната владеачка коалиција: ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Сегашната власт во состав на СДСМ и ДУИ не покажа цврста одлучност во справувањето со последиците од ваквите одлуки.