Утрински Весник
Македонија

Тројца од пациентите со коронавирус имаат лесно влошување на здравствената состојба

Се чекаат резултати од тест за присуство на коронавирус кај уште едно лице

Скопје, 12 март 2020 (МИА) – Од деветтемина пациенти кои имат коронавирус и се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, шест се во стабилна здравствена состојба, а кај тројца од нив има лесно влошување што значи имаат поотежнато дишење, но се уште не е потребна респираторна поддршка и се интензивира терапијата. Тројцата се на возраст над 65 години. Утрово на редовниот состанок на Комисијата за заразни болести разгледавме дополнителни мерки, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција во Владата.

Посочи дека во текот на ноќта немало тестирани пациенти, а пациент кој здрав се вратил од Германија на 7 март, изутрината со висока температура се јавил на Инфективната клиника и се очекуваат неговите резултати. Се очекуваат резултатите и на сите кои биле во изолација, а во врска со првата пациентка на кои им истекол 14-дневниот период на изолација.

– Имавме разговори вчера и со колеги од Италија кои укажаа на тоа дека во одредени делови на земјата, пред се во северните делови каде епидемијата започна дури по воведувањето на најригорозните мерки нема регистрирани нови случаи. Тоа се однесува на градот каде почна епидемијата, затоа многу ригорозни мерки сега тие воведуваат и во другите делови на Италија, во јужните делови каде нема голем број пациенти, што укажува дека треба да бидеме порадикални, истакна Филипче.

Појасни дека дополнителните мерки на Комисијата за заразни болести ќе бидат разгледани од Владата на седница, а тие вклучуваат забрана на сите јавни и приватни собири без оглед на обемот и бројот на учесници – концерти, театри, кина, спортски сали, теретани.

– Кафетериите и рестораните да работат со скратено работно време до 18 часот и внатре капацитетот да биде преполовен, што значи да се задржи дистанцата од метар ипол до два меѓу луѓето кои престојуваат таму. Да се откажат сите кино проекции, театарски претстави и концерти. Во разговор со сите јавно здравствени установи се откажуваат сите хронични пациенти чија интервенција претходно закажана може да се одложи, ќе има само итни неодложни хирушки интервенции. Една дополнителна мерка се однесува на продолжубање на терапијата на хроничните пациенти кои досега требаше да одат на лекар специјалист, од следните денови ќе можат да се обратат кај матичниот лекар. Ова нема да важи за новодијагностицираните пациенти, рече Филипче.

Нагласи дека претседателот на Владата, Оливер Спасовски разговарал со верските заедници во државава за строго придржување кон мерките.

Во текот на денот, потенцира, претседателот на Владата, Оливер Спасовски, заедно со министерката за финансии Нина Ангеловска и вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска ќе го презентираат планот за финансиска поддршка доколку се укаже потреба, затоа што веќе се планираат мерки согласно динамиката на одвивање на сите овие работи.

– СЗО вчера прогласи пандемија што беше очекувно со оглед на тоа што насекаде во светот се прошири болеста. Вчера имав разговор со регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге. Нема генерални препораки за која било земја согласно тоа што сега е прогласена пандемија, меѓутоа секоја земја има право да воведе свои автентични мерки како што ние тоа го направивме, рече Филипче.

Тој се осврна на прашањата кои стигнале до Министерството за здравство и посочи дека во врска со информацијата дека се создала паника во Дебар, после проверката заклучиле дека тоа не е точно и дека се нормално функционира во градот, но со оглед на тоа што е тоа единственото место каде има кластер на пациенти меѓу кои има локална трансмисија, засилен тим епидемиолози и инфектолози денеска и утре ќе направат подетална епидемиолошка анализа на целото подрачје.

– Во однос на мерките за пуштање на работниците дома обврските ги презема компанијата каде работат за овие 14 дена. Сите овие мерки кои ги набројав важат до 24 март и се надополнување на мерките кои се донесени претходно, рече Филипче и додаде дека вчера е назначена нова директорка на Клиниката за дерматовенерологија. рп/лв/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер