Тројца кумановци се обвинети за тероризам и формирање ќелија по примерот на познатата терористичка организација Исламска држава. Во терористичката група „ќелија“ постоела координација и заедничко делување, со намера загрозување на животот и телото и создавање чувство на несигурност и страв кај граѓаните. Секој член имал конкретни задачи.
По спроведената истражна постапка, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонењена организиран криминал и корупција, денеска до Основниот кривичен суд – Скопје достави Обвинителен акт против три лица од Куманово. На обвинетиот Б.А (28), му се става на товар дека сторил кривично дело – Терористичка организација и кривично дело – Тероризам, додека обвинетите В.А. (22) и Е.Љ. (26) со дејствијата опишани во обвинението сториле кривично дело Терористичка организација и кривично дело – Тероризам.
„ Во почетокот на 2019 година, обвинетиот Б.А., создал злосторничка организација – терористичка организација „ќелија“, со основи на идеолошка матрица на познатата терористичка организација ИСИС. Прифаќајќи го криминалниот план на злосторничката организација – терористичка група „ќелија“ припадници станале обвинетите В.А.и Е.Љ., како и осумтемина осомничени за кои се спроведува истражна постапка од 28.12.2020 година. Во терористичката група „ќелија“ постоела координација и заедничко делување, со намера загрозување на животот и телото и создавање чувство на несигурност и страв кај граѓаните. Секој член имал конкретни задачи и тоа: обвинетиот А.Б. како организатор обезбедувал финансиски средства за остварување на целите на злосторничката организација, го договарал и организирал набавувањето – купувањето на оружјето, муниција и воената опрема, организирал вежбовни активности поврзани со употреба на огнено оружје и експлозивни направи, организирал средби на кои се прикажувале видеа со радикална содржина, како и начинот на изработка на експлозивни направи. Обвинетите В.А.и Е.Љ. како припадници на злосторничка организација – терористичка група „ќелија“ добивале конкретни задачи од обвинетиот А.Б., обезбедувале логистичка поддршка и имале задача да обезбедат простории односно објект, во кој ќе го држат оружјето, муницијата и воената опрема. Воедно изработувале импровизирани експлозивни направи, обезбедиле патничко моторно возило со кое ќе се пренесува оружјето и учествувале во неговото пренесување и прикривање, а собирале и информации за движење и вршеле опсервирање на објекти и локации.
Обвинетите, дејствувајќи по однапред направениот план, со намера да извршат едно или повеќе дела на убиство, телесно повредување, уништување на јавни објекти, објекти на инфраструктура и објекти во општа употреба на територија на Република Северна Македонија, од почетокот на 2019 година, се подготвувале, купиле, пренесувале и држеле експлозив, огнено оружје, муниција, гранати, бомби и воената опрема. Притоа изработувале импровизирани експлозивни направи и во два наврати од крајот на месец април до средината на месец август 2020 година со намера да го испробаат разорното дејство на изработените експлозивни направи, ги употребиле во напуштениот објект на поранешниот Хотел „Ку-ба“ во близина на с. Проевце, Куманово. Како дел од обуката за користење на ракетен фрлач- зоља и другото автоматско оружје, обвинетите од засега непознато лице набавиле ракетен фрлач – зоља и вршеле пробно испалување, како и пукање со автоматска пушка во близина на местото викано Менкова Колиба во близина на Куманово.
Имајќи ги предвид околностите што постоеле во моментот на определувањето на мерката притвор, како и специфичноста, видот, тежината и начинот на извршување на кривичното дело и оправданиот страв дека обвинетите ќе ги повторат кривичните дела, односно ќе бидат во можност да извршат кривични дела: убиство, телесно повредување, изведување на терористички акти на цивилни или така наречени меки цели, како и изведување на напади на јавни објекти, објекти на инфраструктура и објекти во општа употреба на територија на Република Северна Македонија, обвинителството со Обвинителниот акт достави и Посебен предлог за продолжување на мерката притвор определена од судијата на претходна постапка“.