Утрински Весник
Македонија

Тројца вработени од МВР позитивни на Ковид 19, не биле теренски ангажирани

Чулев: Забраната за движење генерално се почитува, лишени од слобода 18 лица

Скопје, 24 март 2020 (МИА) – Тројца припадници на Министерството за внатрешни работи се заболени од коронавирусот. Едниот е полициски службеник во ПС – Бит пазар, вториот е од крим техника и третото лице, кое е денеска потврдено, е од оддел за јавни набавки во Министерството за внатрешни работи.

Ова го соопшти министерот за внатрешни работи Наќе Чулев во емисијата Топ тема на Телма, кој рече дека тие се на болничко лекување и дека не станува збор за лица кои работат на терен.

Со сите лица кои биле во контакт со заболените извршен е разговор и дел од нив се тестираат и од досега тестираните, Чулев рече дека ниту едно не е докажано дека е позитивно на Ковид-19.

Додаде дека со решение сите се во самоизолација, а денеска во координација со Министерство за здравство извршено е интервју од епидемиолог и дезинфекција на просториите во Министерството за внатрешни работи. Претходно, при утврдување на присуство на коронавирусот кај лицето од ПС – Бит пазар, е направена целосна дезинфекција и ПС нормално функционира.

Во врска со мерката за забрана за јавен превоз од и до Куманово, рече дека Министерството за внатрешни работи има задача да го контролира спроведувањето на оваа мерка на Владата и дека доаѓа по препорака на здравствената комисија.

Прашан дали би се вовел карантин и во Куманово, како во Дебар, Чулев рече дека  доколку оваа мерка не даде резултат тогаш сигурно во наредните денови ќе се преземат и други чекори кои ги предлага здравствената комисија.

Соопшти дека се преземени мерки против двајцата полициски службеници кои на социјалните мрежи објавиле непристојни постови со порака граѓаните да останат дома.

-Се работи за крајно неодговорно однесување на двајца полициски службеници и како Министерство за внатрешни работи веднаш и јас лично дадов обврска. Се работи за двајца полицајци во Ѓорче Петров, против нив се преземени соодветни мерки. Едното лице веднаш е суспендирано, а против другото соодветна диспцилинска постапка. Она што ја објавило сликата ќе биде суспендирано, а против другото ќе биде покрената соодветна диспиплинска постапка. Во однос на третото лице кое е од Прилеп и кое не е од МВР, и против него ОВР – Прилеп поднесе соодветна прекршочна пријава за лажно претставување и ќе одговара, рече Чулев.

Во емисијата соопшти и дека е пристигната пратката пасоши и дека континуирано се работи на нино изготвување.

Појасни дека лицата кои имаат закажано термин за издавање на пасош, лична карта или возачка дозвола, а поради ограниченото движење на постарите лица, може во најблискиот пункт да отидат и да извршат активностите во однос на издавање на лични документи во периодот во кој тоа можат да го направата, на пример за старите лица до11 часот. скс/са/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Студено утро со температури и до минус 11 степени

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија