Утрински Весник
Македонија

Три сомнителни случаи тестирани за коронавирус, за двајца резултатите негативни, за едниот се очекуваат

Три сомнителни случаи тестирани за коронавирус, за двајца резултатите негативни, за едниот се очекуваат

Скопје, 26 февруари 2020 (МИА) – Три лица денеска се пријавиле на Клиниката за инфективни болести со симптоми на грип, на кои им се извршени тестирања за коронавирусот. Кај двете лица резултатите се негативни, а за едното лице резултатите се очекуваат.

Ова го соопшти министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека станува збор за наши граѓани кои изминатиот период патувале во Италија, а денеска сами се пријавиле на Инфективната клиника. Потенцира дека во попладневните часови се очекува да пристигне уште еден авион од Италија на Скопскиот аеродром.

– Се очекува уште еден авион од Италија на Скопскиот аеродром во попладневните часови. Истовремено согласно препораките и задолженијата од Владата денеска во најскратена постапка започнува набавката на дезинфекциски средства за училиштата, а во текот на денот или утре и дополнувањето на резервите на опрема што е заштитна опрема за медицинскиот персонал, рече Филипче.

Нагласи дека изутрината имале координативен состанок со Комисијата за заразни болести и ги потврдиле мерките што веќе се на сила. На состанокот, појасни, беа присутни претставници од  аеродромската лекарска екипа, како и од граничната полиција, опремата и прашалниците таму се веќе дистрибуирани, а патниците се насочуваат само на петте насочени сувоземни премини, како што тоа беше објавено во текот на вчерашниот ден.

– Нема некои суспектни случаи и потреба за интервенција на епидемиолозите на овие сувоземни гранични премини. Ја користам можноста да ги повторам апелите да не се патува без некоја голема потреба во регионите каде има епидемија, посебно во Северна Италија. Ќе повторам дека се откажани сите екскурзии кои ги организираат државните институции, а се однесува на основните и средните училишта, универзитетите и студиските престои. Доколку има потреба ќе комуницираме и во текот на денот, доколку не утрешниот брифинг ќе биде во претпладневните часови, истакна Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека изутрината разговарале и за мерката за ставање под целосен надзор на групите кои ќе доаѓаат деновиве.

– Веројатно е дека ќе имаме уште еден состанок на оваа нова координативна група која ја формиравме по препорака на Владата во текот на утрото. Попладнево ќе имаме првична средба. Тука членуваат членови од Комисијата за заразни болести и ќе се донесе соодветна одлука, посочи Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање за маските рече дека во текот на вчерашниот ден излегле со став поткрепен од експертите епидемиолози, а тоа е дека маска на отворен простор со оглед на начин на кој се пренесува оваа инфекција, а тоа е и преку раце, бидејќи вирусот одреден период останува на површините, не е начин граѓаните да се заштитат.

– Напротив може да го зголеми ризикот за инфекција заради манипулацијата на маската со раце. Недостигот на маски е насекаде во регионот присутен. Ние имаме како Министерство за здравство сосема доволна количина намената за здравствените работници. Во текот на вчерашниот ден се правеа некои технички интервенции во Управата за царина со цел да се надмине тој проблем со кој аптеките технички се соочиле, рече Филипче.

На прашање кога може да се очекуваат сапуни во училиштата, рече дека таа постапка ќе трае четири до пет дена и верува дека од понеделник веќе ќе можат да се дистрибуираат во училиштата.

На прашање дали ќе побара одложување на јавни манифестации во овој период рече дека будно ја следат ситуацијата и засега нема потреба, но оти може се да се случи.

– Еве има случај во Грција, имаше уште еден случај во Хрватска, чекаме информација од Косово, во Албанија нема. Може да ни се случи да имаме прв заболен од коронавирус и тогаш ќе одлучуваме во зависност од епидемиолошкиот ланец околу заболените, рече Филипче.

Потенцира дека се тестираат сите кои ќе добијат симптоми на грип, а доаѓаат од ризичните подрачја согласно клиничката слика и додаде дека има доволно тестови. рп/скс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор