Производството на пченица за 5 години намалено за 60.000 тони, со СДСМ домашното производство не ги покрива потребите на државата, а стоковите резерви празни, изјави Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ, претседател на Републичка комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Тој рече дека последните неколку месеци сме сведоци како државата се соочува со огромно поскапување на брашното и лебот, а сега откако изби војната во Украина под знак прашалник се става и нивото на стоковите резерви во Република Македонија.
„Од владата излегоа со различни изјави, дека има, па дека нема доволно стокови резерви на пченица, за потоа да излезе претседателот на соседна Србија и да каже дека ќе отстапи 50.000 тони пченица и 25.000 пченка, по барање на владата на република Македонија. Доколку имаше доволно пченица, тогаш зошто владата не пушти во оптек дел од стоковите резерви за да спречи покачување на цените на брашното и лебот, кои веќе и така драстично поскапеа. Владата катастрофално менаџира и дозволи во последните година ипол, цената на брашното да се зголеми за речиси 40%. Главна причина за поскапувањето е зависноста од увозна пченица и брашно, кое е последица на намаленото домашно производство на пченица во последните 5 години додека СДСМ управува со државата. Просечните годишни потреби на Македонија за пченица се некаде над 300.000 тони. Во последните неколку години кога СДСМ е на власт годишното производство се движи околу 240.000 тони, или 20% помалку од потребите“, рече Трипуновски.
За споредба, додаде тој, во 2016 година, кога со владата управувала ВМРО-ДПМНЕ произведено е над 300.000 тони пченица. „Тоа е сосема доволно и ги покрива годишните потреби на потрошувачка на државата“.