Скопје, 30 март 2020 (МИА) – Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, Цветан Трипуновски денеска на својот фејсбук профил обвини дека Владата, наместо да им помогне на земјоделците, одржува празни прес-конференции, без да даде конкретни решенија.
Тој предлага, Владата со сите свои капацитети и меѓународни контакти да се стави во функција за изнаоѓање пласман на зелката.
– Во услови кога низ цел свет недостасува храна заради пандемијата со коронавирус и полиците низ маркетите се празни, во Македонија земјоделските производи скапуваат по нивите. Во Струмичко имаме алармантна ситуација со пролетната зелка, која се откупува по цена на граница на рентабилност и во мали количини, а со сегашната динамика голема е веројатноста дека ќе остане на нивите. Владата наместо да се заангажира да им помогне на земјоделците и да овозможи извоз, држи празни пресконференции на кои само бројат жртви, без да даде конкретни решенија, напиша Трипуновски.
Според него, она што е произведено не смее да остане на нивите.
– Земјоделството е дејност која во најголем дел е извозно ориентирана. Доколку се постават правилно политиките, нема да има криза ниту за храна, ниту ќе има криза со земјоделците кои својот род целосно ќе го продадат. Предлагам Владата со сите свои капацитети и меѓународни контакти да се стави во функција на изнаоѓање пласман на зелката која во нормални услови ќе завршеше за извоз, додава Трипуновски. мч/сп/